Засега нема извештаи за предизвикани штети, но Русија ретко излегува со соопштенија за последиците од украинските напади врз нејзина територија, освен ако не се засеганти цивили или цивилни објекти
Украина втора ноќ по ред изврши напади со дронови врз руската престолнина, соопштија утрово Министерството за одбрана на Русија и градоначалникот на Москва, пренесоа светските медиуми.

Според соопштението на Министерството за одбрана, руската противвоздушна одбрана во текот на ноќта уништила 17 украински дрона, од кои еден летал директно кон Москва, додека 13 други биле соборени над Калушката област, која на североисток гранични со Московскиот Регион.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, на платформата за пораки Телеграм објави дека службите за итни случи се испратени на местото каде што паднал дронот што бил насочен кон главниот град на земјата.
Засега нема извештаи за предизвикани штети, но Русија ретко излегува со соопштенија за последиците од украинските напади врз нејзина територија, освен ако не се засеганти цивили или цивилни објекти.
Според наводите на руските власти, нивните сили за противвоздушна одбрана ги уништиле и преостанатите три беспилотни летала лоцирани над Брјанската Област, која гранични со Украина на западн и со Калуга на североисток.
Гувернерот на Брјанската Област, Александар Богомаз, на Телеграм објавил дека еден цивил е хоспитализиран како резултат на нападот.
Вчера утрото руското Министерство за одбрана соопшти дека ноќта меѓу неделата и понеделникот, нивните сили пресретнале вкупно 193 беспилотни летала, од кои 40 над Московскиот Регион.
Поради заканата од беспилотни летала, московските аеродроми „Домодедово“ и „Жуковски“ привремено ги прекинаа летовите, а експлозии беа пријавени во неколку делови од градот и околниот регион, вклучувајќи го и округот Комунарка.
Инаку, и Русија редовно извршува масовни ракетни и напади со беспилотни летала врз украински градови. Во текот на викендот пет лица беа убиени, а десетици беа повредени во нападите врз Киев.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски завчера изјави дека мината недела Русија ја нападнала Украина со речиси 1 200 дронови и 50 ракети.
Во меѓувреме, траат жестоките борби околу градот Покровск во Донецкиот Регион на Украина, каде руските трупи ги концентрираат своите главни ударни сили, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето редовно вечерно обраќање што го пренесе Укринформ.
„Разговарав со војската – посебно внимание беше посветено на Покровск, како и на соседните области“,
рече Зеленски.

Тој наведе дека во овој град во моментов се наоѓаат најголемиот дел од руските сили кои вршат значајна офанизивна активност.
„Борбите продолжуваат во градот, тоа е нивната главна цел – самиот Покровск. И секој резултат на нашите сили во оваа насока е резултат за цела Украина, за целата одбрана на нашата земја“,
порача украинскиот претседател.
Според Укринформ, во текот на вчерашниот ден се случиле 101 борбен судир меѓу украинските одбранбени сили и руските трупи, а борби сè уште се водат на шест правци на фронтот, при што руските сили најактивно напаѓаат во Костјантиновска и Покровск, а исто така покажуваат зголемена активност и во Александровск.
