Претседателката на ЕК порача дека ќе ги зголемат казнените санкции против Русија, освен ако не покаже вистинска волја да се постигне траен мировен договор
Украина во март годинава ќе добие 3,5 милијарди евра од Европската Унија, најави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето на Меѓународниот самит за поддршка на Украина од Киев.
Фон дер Лајен утринава со воз пристигна во Киев, каде што се одржува самитот на европските лидери по повод третата годишнина од почетокот на војната во Украина.

Според неа, Украина ќе има корист и од плановите на Европската Унија за зголемување на производството на оружје и зајакнување на одбранбените капацитети.
„На третата годишнина од бруталната инвазија на Русија, Европа е во Киев. Денеска сме во Киев бидејќи Украина е Европа. Во оваа борба за опстанок, не е во прашање само судбината на Украина. Ова е судбината на Европа“, рече Фон дер Лејен во објава на Икс.
On the 3rd anniversary of Russia’s brutal invasion, Europe is in Kyiv.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) February 24, 2025
We are in Kyiv today, because Ukraine is Europe.
In this fight for survival, it is not only the destiny of Ukraine that is at stake.
It’s Europe’s destiny. pic.twitter.com/s0IaC5WYh6
Во говорот на самитот, Фон дер Лајен посочи дека ќе презентира сеопфатен план за тоа како да го зголемат европското присуство на оружје и одбранбените способности.
„Никој не сака мир повеќе од народот на Украина, но до праведен и траен мир се доаѓа само преку сила. Затоа ја зајакнуваме вашата економија. Тоа е причината зошто ја зголемуваме приспособливоста на вашето снабдување со енергија. Затоа ќе продолжиме со обука и опремување на вашите војници“, рече Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК порача дека ќе ги зголемат казнените санкции против Русија, освен ако не покаже вистинска волја да се постигне траен мировен договор.
Рече дека 24 февруари 2022 година вечно ќе остане запомнет како неславен ден.
„Беше нападната мирна нација, без причина, поради империјалистичката опсесија на (рускиот претседател Владимир) Путин. Но, ние веруваме во слободна и суверена Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и ви се придружуваме за да ја обликуваме оваа иднина заедно“, додаде претседателката на ЕК.
Според неа, за три години, Русија се обиде да ја втурне Украина во темнина со немилосрдно таргетирање на енергетската инфраструктура.
„Затоа подготвивме амбициозен пакет за енергетска безбедност. Целта е да се обезбеди приспособлив, безбеден и конкурентен енергетски систем за Украина. Целосно ќе ги интегрираме пазарите на електрична енергија на Украина и Молдавија со нашиот пазар на електрична енергија до крајот на следната година. Ќе го искористиме целосниот потенцијал на огромните складишта за гас во Украина, од кои 80 отсто се наоѓаат близу до земјите членки на ЕУ. Ова генерира приход за Украина. Ќе ги забрзаме и инвестициите во обновливата енергија на Украина. Сите овие напори ќе резултираат со поголема енергетска безбедност и за Украина и за Европската Унија“, рече Фон дер Лајен.
Инаку, Фон дер Лајен заедно со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и 21 еврокомесар денеска престојуваат во Киев со цел да ја изразат непоколебливата поддршка на ЕУ за борбата на Украина за независност и слобода на третата годишнина од почетокот на руската инвазија.