Портпаролот на Пентагон Џон Кирби истакна дека „рускиот претседател Владимир Путин“ не успеал да постигне ниту една од своите стратешки цели во Украина
САД воведоа нови санкции против Русија кои го опфаќаат потесното опкружување на рускиот претседател Владимир Путин, вклучувајќи ги и неговите ќерки
Вкупно единаесет тела се пронајдени во гаража во киевското предградие Хостомел, објави весникот „Украинска правда“ доцна синоќа, цитирајќи објава на Телеграм на поранешниот министер за внатрешни работи Арсен Аваков.
Како што пренесе ДПА, загинатите се цивили убиени од руски војници. Информацијата не може да се потврди од независни извори.

Хостомел, кој се наоѓа северозападно од главниот град Киев со аеродром во близина, беше цел на интензивни напади од почетокот на војната. Повеќето од 16 000 жители побегнале.
Пред неколку дена, украинските војници ја вратија контролата врз Хостомел, како и врз соседните градови Буча и Ирпин.
Началникот на локалната воена администрација завчера рече дека околу 400 жители на Хостомел се исчезнати и оти властите планираат да започнат со проверка на подрумите.
Москва нема да ја избегне одговорноста за големиот број Украинци убиени во војната, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа, при своето полноќно видео обраќање, пренесува ДПА.
„Веќе имаме сознанија за илјадници исчезнати луѓе“,
рече тој во обраќањето објавено на Телеграм.
Украинскиот претседател појасни дека има само две можности за тоа што се случило со исчезнатите лица – или биле депортирани во Русија или се убиени.
Зеленски вели дека Москва ја променила својата тактика по осудата од меѓународната заедница по објавувањето на фотографиите од Буча, каде што беа пронајдени стотици тела на цивили по повлекувањето на руските трупи.
„Москва сега се обидува да ги отстрани телата на убиените во областите окупирани од руските војници од улиците и подрумите, но истраги, сведоци и сателитски снимки ќе се користат за да се утврдат околностите на исчезнувањата“,
рече Зеленски.
Повлекување од Киев и Чернихив
Руските трупи конечно се повлекоа од регионот на Киев и Чернихив, соопшти висок функционер на Пентагон, пренесе Би-си-си.
„Руските сили, во близина на Киев и Чернихив се повлекоа за да се консолидираат во Белорусија и Русија“,
изјави претставникот на Пентагон.
Подоцна и портпаролот на Пентагон Џон Кирби истакна дека „рускиот претседател Владимир Путин“ не успеал да постигне ниту една од своите стратешки цели во Украина.
„Тој ја презеде контролата само врз малите градови…Руската војска не го зазеде Харков“,
рече тој.
Изјавата на Кирби доаѓа неколку дена откако Русија објави дека ќе ги фокусира своите напори на источниот украински регион Донбас.
Висок функционер на Пентагон, кој побарал да остане неименуван, рече дека руските војници би можеле да се вратат во Киев во иднина, пренесува Би-си-си.
Според тинк-тенк Институт за проучување на војната, руските трупи кои се повлекуваат од околината на Киев веројатно нема да се вратат наскоро.
Од 130 руски баталјони испратени во Украина, повеќе од 80 остануваат во земјата, рече официјалниот претставник на Пентагон. Најмалку 24 000 руски војници се повлекоа од Украина.
Санкции
САД воведоа санкции кон Русија чија цел се потесниот круг на Путин – вклучувајќи ги двете возрасни ќерки на рускиот претседател.
На списокот за санкции е и семејството на рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров.
Ваквите мерки следуваат по новите обвинувања од Западот за воени злосторства во Украина откако во јавноста излегоа потресните слики и снимки со мртви тела по улиците на украинскиот град Буча.
И Обединетото Кралство и САД издадоа замрзнување на имотот против „Сбербанк“, најголемата руска банка, додека лидерите на Европската унија разговараат за дополнителни мерки за Русија кои би влијаеле на ослабување на нејзините воени напори. Предлозите вклучуваат забрана за увоз на руски јаглен – но некои високи лидери велат дека нафтата и гасот исто така треба да бидат забранети.
САД и другите земји огорчени од руската воена инвазија врз Украина поднесоа резолуција за отстранување на Русија од Советот за човекови права на ОН.
Вонредната седница на Генералното собрание на ОН ќе продолжи денеска попладне.

Во нацрт-резолуцијата се наведуваат податоци за „грубо и систематско кршење и злоупотреба на човековите права“ и „кршење на меѓународното хуманитарно право“ за време на војната.
САД, Европската унија, Велика Британија и Канада беа меѓу земјите кои се залагаат за исклучување на Русија.
Но, според најавите денеска не се очекува гласање. Русија ги предупреди земјите-членки на НАТО дека секој таков обид ќе се смета за „непријателски гест“.