Американскиот претседател Џо Бајден го даде своето досега најсилно предупредување дека Русија можеби се подготвува да употреби хемиско и биолошко оружје во Украина
Во дневното известување, Министерството за одбрана на Украина соопшти дека руските сили имаат резерви од муниција и храна за „не повеќе од три дена“
Американскиот претседател Џо Бајден го даде своето досега најсилно предупредување дека Русија можеби се подготвува да употреби хемиско и биолошко оружје во Украина.
Бајден вели дека рускиот претседател Владимир Путин е „притеснет до ѕид“ и се соочува со силен отпор на Украина и дека постои опасност тој да прибегне кон построги тактики.
Министерството за одбрана на Велика Британија соопшти дека руските сили се чини дека се „заглавени“, при што Украина „продолжува да ги одбива“ обидите да го окупира опколениот јужен град Мариупол.
Во дневното известување, Министерството за одбрана на Украина соопшти дека руските сили имаат резерви од муниција и храна за „не повеќе од три дена“.
„Руските сили имаат тридневни резерви на гориво, кои се надополнуваат со цистерни. Во текот на изминатите 24 часа, украинските воздухопловни сили погодија девет руски воздушни цели – еден авион, шест беспилотни летала (UAV) и два хеликоптери. Во Охтирка, мал град во Сумиската област во централна Украина, 300 руски војници одбија да извршат воени дејствија врз Украина и ја напуштија областа на операцијата. Украинските сили одбранија 13 напади и уништија 14 тенкови, осум пешадиски борбени возила, две повеќенаменски влечни возила, три артилериски системи и четири други возила“,
се вели во изјавата.
Украинската армија сепак го предупреди населението дека треба да биде подготвено за неселективно руско гранатирање на виталната цивилна инфраструктура.
Украинските вооружени сили соопштија дека се очекува руските сили да продолжат со нападите врз виталната инфраструктура користејќи „оружје со висока прецизност и неселективна муниција“.
Генералштабот на украинските вооружени сили, исто така, објави дека руските трупи го окупирале копнениот коридор кон Крим и го блокирале пристапот на Украина до Азовското Море.
Гасење пожари и расчистување на теренот
Украина соопшти дека уште 8 000 луѓе биле евакуирани од конфликтните зони во понеделникот. Вицепремиерката Ирина Верешчук рече дека ова вклучува околу 3 000 луѓе од Мариупол.
Спасувачките тимови во Украина се во трка со времето за гаснење пожари и расчистување на урнатините од уништените згради низ поголемите градови, соопшти Украинската Државна служба за вонредни состојби (СЕС).
Во главниот град Киев и окрузите Шевченкивски во Харков во источна Украина се работи на расчистување на теренот од остатоците од руските гранатирања.
Единиците на СЕС, исто така, гаснат пожари во станбени згради, приватни објекти и други згради предизвикани од гранатирање, во градовите како Киев, Слобидски на североистокот и индустриските области на Харков.
Пиротехничките единици, исто така, продолжуваат со отстранување на недетонирани експлозивни направи, соопшти СЕС.
Украинскиот лидер Володимир Зеленски изјави дека неговата земја никогаш нема да потклекне на ултиматумите од Русија – откако Москва рече дека ќе им дозволи на луѓето да излезат од Мариупол доколку Украина го предаде опколениот град.
Тој повторно повика на директни разговори со Путин, велејќи дека нема да биде возможно да се преговара за крај на војната доколку тие не се сретнат.
И украинската војска соопшти дека руските сили го „зголемиле присуството на авијацијата во воздушниот простор на Украина“ во изминатите 24 часа.
