Ноќта кон Велигден во Украина помина во полициски час поради страв од провокација на руските војници. Поради опасност од евентуален напад од Русија, на многу места, на луѓето им беше забрането да ги посетуваат храмовите за време на велигденската ноќ. Денеска, пак, како што вчера најави Зеленски, се очекува американскиот државен секретар Антони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин да го посетат Киев
Илјадници убиени, милиони раселени и градови претворени во урнатини е резултатот од досегашните два месеци на војна во Украина која ја започна Русија на 24 февруари годинава со влез на нејзините сили на украинската територијата.
По бомбардирањето на цивилни објекти, породилишта, театри, но и откривањето на масовни гробници во Буча и Мариупол, офанзивните руски сили изминативе осум недели се соочија со осуди и обвиненија за воени злосторства.
„Русија, сепак, не успеа да го заземе главниот град Киев и да ја собори тамошната власт. Украинските сили поставија цврста одбрана и украинскиот претседател Володимир Зеленски покажа одлично лидерство. Но, додека руските сили сега се прегрупираат на истокот на Украина, дали Украина ќе може да ги спречи? Дали западните сили можат да ја засилат својата воена поддршка и да останат обединети околу заедничките воени цели? Или времето, заморот и намалените резерви на муниција ќе го земат својот данок? Оваа војна е стара два месеци, но може да има уште многу во иднина“,
пишува Би-би-си.
Меѓу последниот развој на настаните во Украина беше и вчерашната прес-конференција на Зеленски на која тој најави, а денеска се очекува, американскиот државен секретар Антони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин да го посетат Киев. Тие би биле највисоките функционери од САД кои ќе ја посетат Украина од почетокот на руската инвазија. Засега од Вашингтон не ја коментираа посетата што ја најави Зеленски.
Покрај посетата на Блинкен и Остин, наредните денови најавена е и посета на Киев и Москва од страна на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш. Пред посетата која треба да се реализира во текот на неделата, се очекува тој утре прво да ја посети Турција.
Гутереш досега неколку пати повикуваше на прекин на огнот, а последниот апел го упати пред неколку дена со барање да има примирје барем за време на Велигден.
А во својата велигденска честитка, на итен прекин на огнот денеска повика и вселенскиот патријарх Вартоломеј.
„Војната го поткопува човечкото достоинство и е провокативно кршење на Божјата заповед да се сака ближниот“,
рече Вартоломеј.
Меѓутоа, и покрај апелите, ноќта кон Велигден во цела Украина помина во полициски час поради страв од провокација на руските војници. Поради опасност од евентуален напад од Русија, на многу места, на луѓето им беше забрането да ги посетуваат храмовите за време на велигденската ноќ.
Photo: EPA-EFE/MIKHAIL PALINCHAK
