Најмногу ослободени населени места има во североисточниот регион Харков, но и во Херсон, Донецк и Луганск

Украинската армија во изминатиот месец ослободи повеќе од 600 населени места од руската окупација, од кои 75 се во стратешки исклучително важната област Херсон, соопшти украинското Министерство за реинтеграција на привремено окупираните области. Околу 500 населени места се ослободени во североисточниот регион Харков, каде што украинските сили минатиот месец постигнаа голем напредок пробивајќи ги руските линии, објави украинското министерство.
Во соопштението на министерството се наведува и дека 43 населени места се ослободени во регионот на Донецк, а седум во регионот на Луганск.
„Површината на ослободените украински територии е значително зголемена“,
соопшти украинското министерство на својата веб-страница.
Овие информации не се потврдени од украинската армија и од кабинетот на украинскиот претседател.
Рускиот гувернер на украинската област Херсон вчера апелираше до населението да ја напушти областа поради продолжувањето на борбите меѓу руските и украинските сили.
На крајот на август украинската армија почна контраофанзива за да ги истера руските сили од окупираните територии.