Дронот бил „мугин 5“, комерцијален дрон направен од кинески производител со седиште во пристанишниот град Сјамен, на источниот брег на Кина
Украинските војници тврдат дека во текот на викендот собориле вооружен дрон од кинеско производство на нивна територија, јавува Си-ен-ен.
Леталото било „мугин-5“, комерцијален дрон направен од кинески производител со седиште во пристанишниот град Сјамен, на источниот брег на Кина.
Некои технолошки блогери велат дека се познати како „Алибаба беспилотни летала“ бидејќи биле достапни за продажба до 15 000 долари на веб-страниците на кинескиот пазар.
Компанијата „Мугин лимитед“ потврди за Си-ен-ен дека тоа е нивно летало и го нарече инцидентот „несреќен“.
„По должината на првите линии, ние во основа правиме воздушно извидување цело време“,
изјавил Максим, 35-годишен борец од територијалната одбрана.
Помеѓу саботата и неделата, Службата за безбедност на Украина (СБУ) изјави за Си-ен-ен дека нејзините агенти на територијата под руска контрола ги предупредиле дека оттаму е лансиран дрон и се упатил кон украинска цел.
СБУ потоа го вклучи алармот со воените единици со седиште во источна Украина, во близина на градот Славјанск.
Во саботата околу 2 часот по полноќ, борците на 111-та бригада на територијалната одбрана на Украина слушнале беспилотно летало, па дури и виделе трепкачко светло на леталото.
„Забележувајќи го звукот, како и сигналното светло на дронот, војниците пукаа во него и го соборија“,
рекол Максим.
Според него, дронот летал на многу мала височина, доволно блиску за да го собори со пиштол.
Во јануари, официјални лица во областа Луганск, контролирана од Русија, соопштија дека собориле дрон „мугин 5“ лансиран од украинските сили.
Украинските власти не коментираа за овој конкретен инцидент, но експертите рекоа дека има докази дека двете страни во конфликтот ја користат технологијата.
Бидејќи оружјето се развива во реално време, цивилните компании кои стојат зад технологијата сега се обидуваат да најдат начини да спречат нивните производи да влезат во воениот синџир на снабдување.
„Ние не ја одобруваме употребата. Се обидуваме да ја спречиме“,
изјави портпаролот на „Мугин лимитед“ за Си-ен-ен.
Во претходната изјава објавена на својата веб-страница на 2 март „Мугин лимитед“ рече дека ја „осудува“ употребата на нејзините производи за време на војна. Оттаму додадоа дека на почетокот на војната престанале да продаваат производи на Русија или Украина.