Украински извор за Ројтерс изјави дека две руски беспилотни летала се урнале на романската страна на Дунав
Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи изјави дека руски беспилотни летала се урнале и експлодирале на романска територија во понеделникот за време на рускиот напад врз украинската пристанишна инфраструктура на реката Дунав.
Романија е членка на НАТО-алијансата.
„Според украинската државна гранична служба, синоќа при масовен руски напад во близина на пристаништето Измаил, руски ‘шахед’ паднал и експлодирал на територијата на Романија. Тоа е уште една потврда дека рускиот ракетен терор претставува голема закана не само за безбедноста на Украина, туку и за безбедноста на соседните земји, вклучително и земјите членки на НАТО“,
напиша на Фејсбук украинскиот функционер Олег Николенко.
Николенко објави фотографија на која се гледаат пламени јазици по експлозијата на спротивниот брег на Дунав.
Николенко ги повика западните партнери да се забрза испораката на системи за противвоздушна одбрана во Украина.
Украински извор за Ројтерс изјави дека две руски беспилотни летала се урнале на романската страна на Дунав.
Во текот на ноќта Русија изврши воздушен напад врз Измаил, едно од главните речни пристаништа во Украина за извоз на жито.
Откако се откажа од договорот за извоз на украинско жито преку пристаништата на Црното Море, Москва почна со чести напади на пристаништата на Дунав, кои оттогаш станаа главна извозна рута на Украина.
Нападот во понеделникот, во кој беа оштетени магацини и запалени згради во Измаил, уследи по руските напади врз другото големо пристаниште на Дунав, Рени, во неделата, кои ја оштетија пристанишната инфраструктура и повредија најмалку две лица.