Секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина не именуваше датум, но кажа дека нападот за враќање на територијата од окупаторските сили на рускиот претседател Владимир Путин би можел да започне „утре, задутре или за една недела“. Порача дека Украина не смее да направи грешка со одлуката бидејќи, како што рече, ова е историска можност што не смее да се изгуби
Украина е подготвена да ја започне својата долгоочекувана контраофанзива против руските сили, изјави во интервју за Би-би-си секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Олексеј Данилов.

Данилов не именуваше датум, но кажа дека нападот за враќање на територијата од окупаторските сили на рускиот претседател Владимир Путин би можел да започне „утре, задутре или за една недела“. Порача дека Украина не смее да направи грешка со одлуката бидејќи, како што рече, ова е историска можност што не смее да се изгуби.
„Вооружените сили ќе го започнат нападот кога командантите ќе пресметаат дека може да го добиеме најдобриот резултат во тој момент од војната“,
вели Данилов во интервјуто за Би-би-си.
Тој рече дека украинските вооружени сили се секогаш подготвени за офанзива исто како што, како што кажа, биле подготвени да ја бранат Украина во секое време.
„Мора да разбереме дека за да можеме навистина да станеме независна и голема европска земја, не можеме да ја изгубиме историската можност што ни е дадена од Бога. Но, би било чудно да ги наведам датумите на почетокот на контраофанзивата. Може да се случи утре, задутре или за една недела. Имаме многу одговорна задача пред нашата земја и знаеме дека немаме право да направиме грешка“,
додаде секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина.
Официјален Киев со месеци планира контраофанзива, но сакаше да има што повеќе време за да ги обучи војниците и да добие воена опрема од западните сојузници.