„Су-34“, според британскиот тинк-тенк Ројал јунајтед сервисис институт, е еден од најсовремените борбени авиони во руската војска. Тоа е повеќенаменски, двомоторен суперсоничен ловец-бомбардер

Генералштабот на вооружените сили на Украина објави дека руски борбен авион „су-34“ е соборен во близина на градот Запорожје околу 4 часот утрово. Според украинската војска, авионот учествувал во напади врз градот користејќи наведувани бомби.
„Непријателскиот ‘су-34’ е соборен околу 4 часот наутро во правец на Запорожје, каде што извршувал терористички напади користејќи наведувани воздушни бомби. Заедно до победа!“,
се вели во соопштението од украинскиот Генералштаб.
„Су-34“, според британскиот тинк-тенк Ројал јунајтед сервисис институт, е еден од најсовремените борбени авиони во руската војска. Тоа е повеќенаменски, двомоторен суперсоничен ловец-бомбардер.
Во оперативна употреба е од 2014 година, а Русија го користи за напаѓање украински цели со крстосувачки ракети и наведувани бомби. „Су-34“ може да носи до осум тони различно оружје, вклучувајќи ракети воздух-воздух и воздух-земја, и има дострел од околу 4 000 километри.
Русија сè уште не ги коментирала тврдењата на украинската војска за губењето на „су-34“.
Употребата на лизгачки бомби е една од најважните тактички алатки што ги користат руските сили против украинските одбранбени линии. Сепак, овие бомби често се користат и против градови во задните области, во близина на фронтот.
Бомбите можат да се исфрлаат од неколку километри оддалеченост, што ги прави авионите во голема мера недостапни за воздушна одбрана. Запорожје, на југот на Украина, и Харков, на североисток, се градови кои силно страдаа од нападите на вакви лизгачки бомби за време на руската инвазија, која трае повеќе од три и пол години, јавува ДПА.