Најавата Зеленски ја даде за време на неговиот говор на Светскиот економски форум во Давос од каде што кажа дека дводневниот состанок ќе се одржи утре и в сабота

Украински, американски и руски претставници ќе одржат трилатерален состанок во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), објави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, што е знак дека мировните преговори за ставање крај на војната во Украина се интензивираат, пишува Си-ен-ен.
Најавата Зеленски ја даде за време на неговиот говор на Светскиот економски форум во Давос од каде што кажа дека дводневниот состанок ќе се одржи утре и в сабота.
Подоцна, во разговор со новинарите, Зеленски откри дека во украинската делегација ќе бидат шефот и заменик-шефот на неговиот претседателски кабинет, Кирил Буданов и Сергеј Кислиција, шефот на парламентарната фракција на партијата „Слуга на народот“ и преговарач Давид Аракхамија и началникот на Генералштабот Андриј Хнатов.
„Го замолив Хнатов да долета од Киев, војската мора да биде присутна“,
рече Зеленски.
Според Зеленски, сега е моментот во кој доколку сите страни работат многу ќе биде завршена војната.
„Се наоѓаме во момент кога, мислам, ако сите страни работат многу, ќе ја завршиме оваа војна, но ако некој игра игри, не знам кој, но само го споделувам со вас. Ако некој игра игри, војната ќе продолжи“,
рече тој.
Во меѓувреме „Гардијан“ пишува дека авионот во кој се наоѓаат американскиот пратеник Стив Виткоф и зетот на претседателот Џаред Кушнер слетал во Москва, каде што се очекува да одржат разговори со рускиот претседател Владимир Путин за војната во Украина.
Зеленски денеска изјави дека документот за безбедносните гаранции од САД е подготвен, но нагласи дека територијалните прашања во војната со Русија сè уште не се решени.
Денеска американскиот претседател Доналд Трамп по средбата со украинскиот лидер, која траеше околу еден час, рече дека имале добра дискусија, но не даде дополнителни детали за суштината на разговорот. Тој оцени дека средбата била добра, дека тоа е тековен процес и дека сите сакаат војната да заврши.
Трамп по оваа средба со Зеленски беше прашан каква е неговата порака за Путин на што одговори: „Војната мора да заврши“.
