Зеленски побарал од украинските дипломати да ја информираат Турција за потребата од посебен пристап кон преговорите, посебна агенда и обезбедување неопходна политичка поддршка за Украина

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, ѝ предложил на Русија нова средба за мировни преговори меѓу претставници на Москва и на Киев во Турција.
„Нашите претставници подготвуваат барем уште една размена со Русија, а Рустем Умеров ѝ предложи на руската страна нова средба да се одржи во Турција. Дневниот ред на состанокот е јасен: враќање на затворениците, враќање на децата киднапирани од Русија и подготовка на средбата меѓу двајцата лидери“,
рече Зеленски.
Зеленски побарал од украинските дипломати да ја информираат Турција за потребата од посебен пристап кон преговорите, посебна агенда и обезбедување неопходна политичка поддршка за Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека руските и украинските нацрти на меморандумот за решавање на конфликтот се дијаметрално спротивни и затоа претстои многу дипломатска работа.
Според него, Москва е отворена за трета рунда преговори со Украина, но засега нема конкретен датум и нема да има промени во составот на преговарачката група на Москва.