Во меѓувреме, Велика Британија се обидува да ги потврди наводите дека руските сили употребиле хемиско оружје во нападот на украинскиот пристаништен град Мариупол, кој е под опсада повеќе од еден месец, соопшти синоќа британското Министерство за надворешни работи
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека Русија може да употреби хемиско оружје во Украина, а во текот на денот беа објавени непроверени извештаи кои сугерираат оти Русија користела хемиско оружје во пристанишниот град Мариупол.
„Би сакал да ги потсетам светските лидери дека веќе е разговарано за можната употреба на хемиско оружје од страна на руската војска. Ние го сфаќаме ова многу сериозно“,
рече Зеленски во видеообраќањето. Украинскиот претседател, сепак, не кажа дека такво оружје веќе било употребено.
Украинската пратеничка Ивана Климпуш вчера изјави дека Русија употребила „непозната супстанција“ во Мариупол, што предизвикало респираторни проблеми кај населението.
„Најверојатно е хемиско оружје“,
објави Климпуш на Твитер.
Заменик-градоначалникот на Мариупол, Петро Андрјушенко, на Телеграм објави оти хемиските напади не се потврдени.
Во меѓувреме, Велика Британија се обидува да ги потврди наводите дека руските сили употребиле хемиско оружје во нападот на украинскиот пристаништен град Мариупол, кој е под опсада повеќе од еден месец, соопшти синоќа британското Министерство за надворешни работи.
„Информациите укажуваат дека руските сили можеби употребиле хемиски агенси во нападот врз жителите на Мариупол. Работиме итно со нашите партнери за да ја потврдиме оваа информација“,
напиша на Твитер британската министерка за надворешни работи Лиз Трус.
Таа додаде дека секоја употреба на овој вид оружје би претставувало брутална ескалација во конфликтот, по што рускиот претседател Владимир Путин би бил повикан на одговорност.
Проруските сепаратистички сили во регионот на Донецк, пак, негираат дека употребиле хемиско оружје во Мариупол, јавија руските медиуми. Командантот на сепаратистите Едуард Башурин изјави дека не употребиле хемиски агенси и покрај тврдењата на украинските власти оти руските сили извршиле хемиски напад.