Украинскиот претседател рече и оти масовните руски напади се јасен сигнал дека патот до мирот не може да биде само декларативен, туку мора да биде поткрепен со воена заштита
Украинскиот претседател Володимир Зеленски отпатува за САД на средба со американскиот претседател Доналд Трамп, велејќи оти има јасно дефинирани позиции од кои Киев не планира да отстапи во претстојните разговори за иднината на војната. Како што пренесува „Киев пост“, Зеленски за време на патот кон Флорида порача дека територијалниот интегритет и контролата врз нуклеарната централа „Запорожје“ се прашања за кои нема да се преговара.
„Моментално сме во авион за САД, а попатно ќе застанеме во Канада, каде заедно со канадскиот премиер Карни ќе разговараме онлајн со европските лидери за сите прашања, да споделиме детали за документите што ќе ги разгледам со американскиот претседател и да ги покренеме сите чувствителни прашања“,
изјави украинскиот претседател.
Зеленски е дециден дека Украина правно нема да ја признае руската окупација на ниту една територија под какви било услови и го отфрли сценариото за одржување референдуми или избори во сегашните околности, одговарајќи на шпекулациите дека американската администрација би можела да предложи такви решенија како дел од мировниот план.
„Денес дефинитивно постојат црвени линии за украинскиот народ… Тие ги вклучуваат нашите територии и нуклеарната централа Запорожје. Правно, ние нема да признаеме ништо под никакви услови“,
рече тој.
Главниот приоритет на Киев во разговорите со Трамп ќе бидат цврстите безбедносни гаранции, а според него, последните масовни руски напади се јасен сигнал дека патот до мирот не може да биде само декларативен, туку мора да биде поткрепен со воена заштита која ќе спречи идна агресија.
Тој повторно упати апел до западните сојузници за итна испорака на системи за воздушна одбрана и ракети, посочувајќи дека Русија го зголемува интензитетот на нападите со беспилотни летала.
Посетата на Зеленски на резиденцијата на Трамп во Мар-а-Лаго доаѓа во момент кога новата американска администрација најавува брзо решение за конфликтот. Ова е вторпат Зеленски да се сретне со Трамп во изминатите неколку месеци, по нивната средба во Њујорк во септември, со цел да го убеди дека секој мировен план мора да го почитува суверенитетот на Украина, а не само да донесе замрзнување на конфликтот по линиите на фронтот.
