За време на самитот на НАТО минатата година во Вилнус, земјите членки потврдија дека иднината на Украина е во НАТО, но не поставија временска рамка, што ја посакуваше претседателот Володимир Зеленски пред средбата на врвот
Украина најверојатно нема да добие покана за членство во НАТО на претстојниот самит на почетокот на јули во Вашингтон, изјави денеска во Брисел американската амбасадорка во НАТО, Џулијан Смит.
„Не очекувам дека Алијансата ќе ја покани Украина на самитот кој треба да се одржи од 9 до 11 јули“,
им рече Смит на новинарите пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во среда и четврток во Брисел.

Самитот во Вашингтон, смета таа, треба да сигнализира дека „Алијансата продолжува да се приближува до Украина“ и да преземе „конкретни мерки“ за промовирање на идното членство на оваа земја, која моментално е во војна со Русија.
За време на самитот на НАТО минатата година во Вилнус, земјите членки потврдија дека иднината на Украина е во НАТО, но не поставија временска рамка, што ја посакуваше претседателот Володимир Зеленски пред средбата на врвот.
Сите земји членки на НАТО признаваат дека членството на Украина во Алијансата е незамисливо сè додека трае војната.
Ова всушност би значело конфликт со Русија бидејќи членот 5 од Повелбата на НАТО предвидува дека нападот врз една членка е напад врз сите.