Американскиот претседател, исто така, повика на размена на американската помош за природните ресурси на Киев, како што се ретките минерали
Американскиот претседател Доналд Трамп ја изнесе идејата дека Украина можеби некогаш ќе биде руска. Оваа негова изјава доаѓа во пресрет на средбата на неговиот потпретседател Џеј-Ди Венс со украинскиот претседател Володимир Зеленски подоцна оваа недела.

За речиси тригодишната војна на Русија со Украина и неговите намери за ставање крај на конфликтот, Трамп зборуваше во интервју за телевизијата Фокс њуз, емитувано вчера.
„Можеби ќе склучат договор, можеби нема да склучат договор. Можеби ќе бидат Руси некогаш или можеби нема да бидат Руси“,
рече тој.
Американскиот претседател, исто така, повика на размена на американската помош за природните ресурси на Киев, како што се ретките минерали.
Тој вчера потврди и дека наскоро ќе го испрати во Украина својот специјален пратеник Кит Келог, кој има задача да подготви предлог за запирање на борбите.
Американскиот претседателот врши притисок за брз крај на конфликтот, додека Зеленски бара строги безбедносни гаранции од Вашингтон како дел од каков било договор со Русија.
Киев стравува дека секое решение што не вклучува тешки воени обврски, како што е членството во НАТО или распоредувањето мировни трупи, само ќе му даде време на Кремљ да се прегрупира и повторно да се вооружи за нов напад.
Портпаролот на Зеленски, Сергиј Никифоров, за агенцијата Франс прес изјавил дека украинскиот претседател ќе се сретне со Венс овој петок на маргините на безбедносната конференција во Минхен.
Извор од канцеларијата на Зеленски рекол дека Келог ќе пристигне во Украина на 20 февруари, без повеќе детали за неговиот престој.
Посетата на Келог ќе се случи само неколку дена пред одбележувањето на тригодишнината од инвазијата на Русија врз Украина на 24 февруари 2022 година.
Зеленски вчера повика на воспоставување „вистински мир и ефективни безбедносни гаранции“ за Украина.
„Безбедноста на луѓето, безбедноста на нашата држава, безбедноста на економските односи и, се разбира, одржливоста на нашите ресурси. Не само за Украина, туку и за целиот слободен свет. Сето ова се решава сега“,
рече украинскиот претседател во видео обраќање објавено на социјалните мрежи.
Инаку, и Зеленски и рускиот претседател, Владимир Путин, претходно ја отфрлија можноста за директни разговори, поради што се чини дека има малку терен каде двајцата би можеле да постигнат договор.
Путин бара Украина да се повлече од деловите на нејзиниот југ и исток над кои Киев сè уште има контрола, и смета дека поблиски врски меѓу Украина и НАТО се недозволиви.
Зеленски, во меѓувреме, отфрли какви било територијални отстапки за Москва, иако призна дека Украина можеби ќе треба да се потпре на дипломатски средства за да обезбеди враќање на одредена територија.
Тој вчера изјави дека се договара средба со Трамп, иако датумот сè уште не е одреден, додека американскиот претседател минатата недела рече дека „веројатно“ ќе се сретне со Зеленски во наредните денови, но ја отфрли можноста лично да отпатува за Киев.
