„За Путин, долгата војна во Иран е плус. Покрај цените на енергенсите, тоа значи и исцрпување на американските резерви и исцрпување на производителите на воздушна одбрана. Значи, ние (Украина) се соочуваме со исцрпување на ресурсите“, вели украинскиот претседател во интервју за Би-би-си
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски вели дека неговата земја ќе се соочи со недостиг од ракети што ги користи во борбата против Русија поради конфликтот на Блискиот Исток.
Говорејќи во интервју за Би-би-си, Зеленски наведува дека рускиот претседател Владимир Путин сака долга војна меѓу САД и Израел од една и Иран од друга страна, бидејќи смета дека тоа би го ослабнало Киев, во смисла дека американските воени ресурси, од кои зависи украинската одбрана, ќе бидат насочени на друго место.

Во однос на војната меѓу Москва и Киев украинскиот претседател смета дека американскиот претседател Доналд Трамп не зазема страна во конфликтот, но оти не сака, како што вели, да го иритира Путин.
Во таа насока, тој ги повика Трамп и британскиот премиер Кир Стармер да се сретнат и да најдат заеднички јазик, по критиките што американскиот претседател ги упати кон премиерот на Велика Британија, поради неговото одбивање земјата да се вклучи во напорите за деблокада на Ормускиот Теснец.
Конфликтот на Блискиот Исток, кој влезе во својата трета недела, се прошири низ целиот Персиски Залив, каде што Иран врши удари врз соседните држави како одмазда за нападите на САД и Израел.
Зеленски вели дека има „многу лошо чувство“ за влијанието на овој конфликт врз војната во Украина, притоа посочувајќи дека преговорите за постигнување мировно решение постојано се одложуваат. Причината за тоа, како што вели сега, е една – а тоа е војната во Иран.
Според него ваквата ситуацијата му оди во корист на рускиот претседател, бидејќи од една страна се зголемуваат цените на енергенсите, што е проблем за Украина, а друга украинската војска може да се соочи со дефицит на ракети.
„За Путин, долгата војна во Иран е плус. Покрај цените на енергенсите, тоа значи и исцрпување на американските резерви и исцрпување на производителите на воздушна одбрана. Значи, ние (Украина) се соочуваме со исцрпување на ресурсите“,
вели украинскиот претседател.
Во тој контекст, Зеленски вели дека со сигурност ќе има недостаток од ракети „патриот“, а единственото отворено прашање сега е „кога ќе бидат исцрпени сите залихи на Блискиот Исток“.
„Америка произведува од 60 до 65 ракети месечно. Замислете, 65 ракети месечно се околу 700-800 ракети годишно, произведени секоја година. А на првиот ден од војната на Блискиот Исток, беа употребени 803 ракети“,
вели тој во интервјуто за британскиот национален радиодифузер.
Говорејќи за ставот на неговиот американски колега за војната во Украина, тој вели дека Трамп сакал да биде преговарач, а не да заземе страна во војната на Украина против нелегалната инвазија на Русија.
Украинскиот претседател кажа оти мисли дека Трамп „сака да ја заврши војната“, но додаде дека американскиот претседател и неговите советници избрале стратегија на близок дијалог со Путин, за да не го иритираат како што тоа го прави Европа, кон која рускиот претседател има анимозитет.
Коментирајќи го притисокот на Трамп кон сојузниците во НАТО околу Иран, што добива димензии на дипломатски спор, Зеленски предупредува од поделби меѓу западните лидери. Тој рече дека нема да му кажува на американскиот претседател што да прави, но кажа оти треба да има средба со британскиот премиер за „обновување на односите“.
„Навистина би сакал претседателот Трамп да се сретне со Стармер… за да дојдат до заеднички став“,
рече тој.
Во својот последен вербален напад вчера, Трамп рече дека Стармер „не е Винстон Черчил“ и дека иако смета дека британскиот премиер е „фин човек“, сепак е разочаран од неговиот одговор во однос на Иран.
Стармер, од друга страна, одговори дека нема да дозволи Велика Британија да биде вовлечена во поширока војна, додека од Даунинг стрит повторија дека односите меѓу Вашингтон и Лондон се трајни.
Британскиот премиер Кир Стармер вчера го пречека Зеленски во Даунинг стрит, што беше една од станиците на украинскиот претседател на неговата турнеја низ повеќе европски градови.

Зеленски минатата недела го посети Париз, а во среда патува за Мадрид. Посетите доаѓаат во време кога конфликтот на Блискиот Исток ја засени четиригодишната борба на Украина против целосната инвазија на Русија.
„Мислам дека е навистина важно да бидеме јасни оти фокусот мора да остане на Украина“,
изјави Стармер по средбата со Зеленски.
Како дел од посетата на Зеленски на Лондон, украинскиот лидер се обрати пред пратениците во Парламентот.
„Режимите во Русија и во Иран се браќа по омраза и затоа се браќа по оружје. И сакаме режими изградени врз омраза, никогаш, никогаш да не победат во ништо. И не сакаме таков режим да ја загрозува Европа или нашите партнери“,
рече Зеленски.
Меѓу присутните во публиката во преполната сала во Вестминстер беа британскиот премиер, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, министерот за одбрана Џон Хили и лидерите на опозициските партии.
