„Станува збор за заедничко производство и извоз на оружјето што можеме да си дозволиме да го продадеме, со цел да имаме повеќе пари за нашето внатрешно производство на дефицитарно оружје за кое немаме пари“, вели украинскиот претседател
Украина годинава ќе отвори канцеларии за извоз на оружје и заедничко производство на оружје во Берлин и во Копенхаген, изјави синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува Ројтерс.
На овој начин Киев ја проширува својата домашна одбранбена индустрија со помош на своите западни партнери, додека четврта година се брани од руската агресија.

Зборувајќи пред новинарите во Киев, Зеленски рече дека Украина може да извезува поморски беспилотни летала и артилериски системи.
„Станува збор за заедничко производство и извоз на оружјето што можеме да си дозволиме да го продадеме, со цел да имаме повеќе пари за нашето внатрешно производство на дефицитарно оружје за кои немаме пари“,
кажа тој.
Украина сè уште зависи од своите сојузници за оружје, како што се борбени авиони и системи за воздушна одбрана.
Сепак, оствари напредок во развојот на своите програми за беспилотни летала и ракети.
Зеленски додаде дека Украина планира до крајот на годината да започне масовно производство на своите ракети „Фламинго“ и „Рута“.
Најави и дека следната недела украинска делегација ќе го посети Вашингтон за понатамошни разговори за договорот меѓу САД и Украина за беспилотни летала, а за кој Киев се надева дека ќе ги зајакне врските со администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
