Речиси 300 украински беспилотни летала нападнаа цели низ Русија, поради што главните аеродроми во Москва го запреа воздушниот сообраќај на повеќе од седум часа. Воздушниот простор над главниот град беше привремено затворен, што доведе до откажување, одложување или пренасочување на најмалку 133 летови
Украинските воени сили синоќа извршија масовен напад со беспилотни летала врз Москва, соопшти градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, додавајќи дека се уништени 36 дронови при пристапот во градот.
„Експерти од службите за итни случаи работат на местото каде што паднаа остатоците“,
кажа тој.

Не прецизираше дали има повредени и колкава е штетата на терен.
Речиси 300 украински беспилотни летала нападнаа цели низ Русија, поради што главните аеродроми во Москва го запреа воздушниот сообраќај на повеќе од седум часа. Воздушниот простор над главниот град беше привремено затворен, што доведе до откажување, одложување или пренасочување на најмалку 133 летови.
Руската агенција за воздухопловство ги затвори сите четири главни аеродроми во Москва – Шереметјево, Домодедово, Внуково и Жуковски.
Во Воронеж, остатоци од дронови оштетија неколку станбени згради, а некои од нив се наоѓаат на околу еден километар од електраната и во близина на хемиската фабрика „Воронежсинтезкаучук“, која произведува синтетичка гума.
Експлозии имало и во Велики Новгород, по што избувна пожар во еден округ. На социјалните мрежи се појавија информации дека локалните жители пријавиле напад со беспилотни летала врз фабриката за ѓубрива „Акрон“, која се смета за еден од најголемите руски производители.
Руското Министерство за одбрана објави дека во текот на ноќта се пресретнати вкупно 287 украински беспилотни летала во 12 региони.
Според руските сили, најмногу беспилотни летала се соборени над регионот Брјанск (118), Московскиот Регион (40) и регионот Калушка (40).
Беспилотни летала се пресретнати и над регионите Тула, Новгород, Јарослављ, Липецк, Смоленск, Курск, Орел, Воронеж и Рјазан.
Последниот голем напад со беспилотни летала врз Москва се случи во септември, кога се уништени 41 беспилотно летало.
Нападот се смета како дел од пошироката украинска стратегија за таргетирање на рафинерии, магацини и извозни терминали, со цел да се ослабне воената економија на Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ваквите операции ќе продолжат сè додека Москва е во војна.
