„Двете земји се согласија дека ќе биде гарантирана безбедноста на пловидбата во Црното Море, дека ќе се воздржат од употреба на сила и дека ќе спречат употреба на комерцијални бродови за воени цели“, соопшти денеска Белата куќа
Русија и Украина одвоено постигнале договори со Соединетите Американски Држави (САД) да ги прекинат воените дејствија во Црното Море, соопшти денеска Белата куќа, истовремено изнесувајќи детали од разговорите одржани во Саудиска Арабија, пренесоа светските медиуми.

Соединетите Држави објавија дека постигнале посебни договори со Украина и Русија за да се обезбеди безбедна пловидба во Црното Море и да се спроведе забрана за напади врз енергетски објекти во двете земји.
„Двете земји се согласија дека ќе биде гарантирана безбедноста на пловидбата во Црното Море, дека ќе се воздржат од употреба на сила и дека ќе спречат употреба на комерцијални бродови за воени цели“,
соопшти американската влада.
Кога станува збор за Украина, од Белата куќа наведоа дека САД ќе ги поддржат напорите насочени кон размена на затвореници, ослободување на цивили и враќање на присилно раселените украински деца.
Во однос на Русија, која во моментов е под бројни санкции, од Белата куќа велат дека Москва може да смета на поддршката од САД кога станува збор за рускиот пристап до глобалниот пазар за извоз на земјоделски и вештачки ѓубрива, намалување на трошоците за поморско осигурување и подобрување на пристапот до пристаништата и платните системи за овие трансакции.
Министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, во врска со постигнатите договори со САД изјави дека за да вродат со плод ќе бидат потребни јасни гаранции, а како причина го наведе искуството што го имаат со властите во Киев.
„Ќе ни требаат јасни гаранции. Со оглед на тажното искуство од договорот со Киев, гаранциите можат да бидат само резултат на директна наредба од Вашингтон до Зеленски и неговиот тим да го направат тоа на овој начин, а не на кој било друг начин. И ми се чини дека нашите американски партнери го прифатија овој сигнал“,
изјави Лавров.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави дека Киев ги поддржува двата договори за прекин на огнот со Русија објавени од САД денеска и дека Украина би го поздравила учеството на трети земји во надгледувањето на спроведувањето на договорот.
Умеров во објава на платформата Икс напиша дека Украина ќе го смета секое движење на бродови на руската морнарица надвор од источниот дел на Црното Море за прекршување на договорот и дека доколку се случи такво нешто, ќе си дозволи право на самоодбрана.
Во врска со договорите се огласи и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој вели дека станува збор за први договори и дека пристапот на САД е во насока тие да бидат успешни, а не да се распаднат.
„Во соопштението не пишува што ќе се случи доколку некој ги прекрши договорите. Разбирам зошто, бидејќи американската страна навистина сака целата оваа работа да не се распадне. Ова се првите договори, не сакаат да се распаднат. Затоа не сакаа да навлегуваат во многу детали“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во врска со договорите.
За време на разговорите, САД повторија „дека претседателот Доналд Трамп безусловно сака да ја запре загубата на животи од двете страни“.
Од Вашингтон велат дека ќе предолжат да организираат разговори меѓу двете страни, кои на крајот би резултирале со мир во Украина.