Во текот на ноќта украински беспилотни летала ја нападнаа пумпната станица во Унеча која е дел од нафтоводот „Дружба“ во рускиот регион Брјанск
Испораките на сурова нафта од Русија до Унгарија се прекинати, објави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто

Енергетскиот објект во Унеча во рускиот регион Брјанск, низ кој минува нафтоводот „Дружба“, кој оди кон Европа, беше цел на украински напад со ракети и беспилотни летала што се случи во текот на ноќта, изјави регионалниот гувернер Александар Богомаз.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто информира дека испораката на сурова нафта од Русија до Унгарија преку нафтоводот „Дружба“ е прекината поради нападот за кој вели дека се случил во близина на руско-белоруската граница.

„Во текот на ноќта ја добивме веста дека нафтоводот „Дружба“ на руско-белоруската граница бил нападнат неколкупати – третпат за краток временски период. Транспортот на сурова нафта до Унгарија повторно е запрен“,
напиша Сијарто на Фејсбук.
Сијарто напиша дека ова е напад врз енергетската безбедност на Унгарија и дека тоа е уште еден обид да бидат вовлечени во војна.
„Нема да успее! Ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите за мир и да ги заштитуваме нашите национални интереси со сета наша моќ“,
додаде тој.
Инаку, украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното обраќање рече дека мора да се изврши притисок врз Русија за да се стави крај на војната и дека Путин не разбира ништо освен сила и притисок.
Коментарите на Зеленски доаѓаат откако претходно американскиот претседател Доналд Трамп објави на својата мрежа Трут соушал дека е многу тешко, ако не и невозможно, да се добие војна без да се нападне земјата напаѓач.
Според Зеленски, претседателот на САД е апсолутно во право и додаде дека ова не може да се направи само со одбрана.