Претседателите на САД и Русија, Џо Бајден и Владимир Путин, на барање на рускиот лидер имале телефонски разговор кој траел околу 50 минути.

Путин, како што информира Кремљ, го предупредил Бајден дека нови санкции против Москва може да ги нарушат врските меѓу САД и Русија.
Двајцата претседатели имале, според американскиот официјален претставник „сериозна и суштинска“ дискусија, за време на која Бајден му претставил две сценарија на Путин околу Украина: прво – дипломатски пат кон деескалација и второ – користење економски санкции, засилено присуство на американски војници на источното крило на НАТО и зголемена помош за Украина.
Кој пат ќе биде избран, според американски претставници, „ќе зависи од активностите на Русија во претстојниот период“. Путин, како што информира Кремљ, одговорил со силно предупредување. Тој му рекол на Бајден дека воведувањето нова рунда санкции против Русија би претставувало „колосална грешка“ што може да доведе до целосен распад на односите меѓу двете земји.
Околу 100.000 руски војници се распоредени долж украинската граница, и покрај предупредувањата од Бајден и европските лидери за сериозни последици доколку Путин се одлучи за инвазија. Разговорот меѓу Бајден и Путин се случува две недели пред да се сретнат американски и руски дипломати во Женева за да разговараат за тековната криза.