„Го предложивме најбрзиот и најконструктивен начин за постигнување резултати. Нашиот тим е подготвен за работа 24/7“, напиша украинскиот претседател на платформата Икс по средбата со специјалниот пратеник на Трамп за Русија и Украина, Кит Келог
Украина е подготвена за силен и ефективен инвестициски и безбедносен договор со претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски по денешната средба со специјалниот американски пратеник, Кит Келог во Киев.
За текот на средбата и за позициите на Киев по неа, Зеленски информираше преку објавата на социјалната платформа Икс, откако претходно од неговиот кабинет соопштија дека заедничката прес-конференција со Келог е откажана на барање на американската страна.
Украинскиот претседател во објавата вели дека имал предуктивен состанок со специјалниот претставник на Трамп за Украина, кој поминал во добра дискусија со многу детали.
„Благодарен сум на САД за сета помош и двостраната поддршка за Украина и украинскиот народ. Важно за нас и за целиот слободен свет е да се почувствува американската сила. Имавме детален разговор за ситуацијата на бојното поле, како да ги вратиме нашите воени заробеници и да дојдеме до ефективни безбедносни гаранции“,
вели Зеленски.
Украинскиот претседарел наведува дека од првиот момент на војната Украина се стреми кон мир, кој, како што додава, мора и може да биде обезбеден.
„Мораме и можеме да обезбедиме овој мир да биде силен и траен за Русија никогаш повеќе да не може да се врати со војна. Украина е подготвена за силен, ефективен договор за инвестиции и безбедност со претседателот на САД. Ние го предложивме најбрзиот и најконструктивен начин за постигнување резултати. Нашиот тим е подготвен за работа 24/7“,
напиша Зеленски.
I had a productive meeting with @SPE_Kellogg—a good discussion, many important details. I am grateful to the United States for all the assistance and bipartisan support for Ukraine and the Ukrainian people.
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) February 20, 2025
It’s important for us—and for the entire free world—that American… pic.twitter.com/LH2vNGVGFQ
На крајот од објавата тој порачува дека успехот нè обединува сите и дека од силни односи меѓу Украина и САД корист има целиот свет.
Претходно за начаните за постигнување праведен и траен мир во конфликтот со Русија, со Келог разговараше украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
„Ја потврдив подготвеноста на Украина да постигне мир и нашата визија за неопходните чекори“,
напиша Сибиха на платформата Икс по средбата.
Американскиот пратеник за време на посетата на Киев веќе имаше средби со врховниот командат на украинската армија, како и со шефовите на разузнавачките и специјалните служби на земјата.
Инаку, посетата на Келог на Киев доаѓа во дипломатски тежок момент за Украина, откако американскиот претседател Доналд Трамп стави крај на политичката изолација на рускиот претседател Владимир Путин со отпочнување на билатерални разговори со Москва за постигнување мир во Украина.
Трамп завчера во изјава за медиумите ја обвини Украина дека е виновна за војната што ја започна Русија во 2022 година, дека таа можело да спречи со постигнување договор меѓу двете страни, како и и дека до неа воопшто немало да дојде, ако во тоа време тој бил претседател на САД.
Дополнително, Трамп го нарече својот украински колега диктатор, бидејќи му е истечен претседателскиот мандат.
Зеленски на обвинувањата одговори велејќи дека Трамп е заробен во „балон на дезинформации“ што доаѓа од Русија.