Заменик-шефот на кабинетот на украинскиот претседател рече дека новиот пакет санкции од ЕУ доаѓа премногу доцна и нагласи дека Украина е незадоволна од темпото на испорака на оружје
Последниот бран санкции наметнати од Европската Унија кон Русија не е доволен, изјави заменик-шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Ихор Жовква.
Жовква денеска во Мадрид рече дека темпото на воведувањето санкции против Русија досега е премногу бавно и дека Украина не е задоволна од брзината со која им се испраќа оружје.
„Ако ме прашате мене, би рекол премногу бавно, предоцна и дефинитивно недоволно“,
рече Жовква.
Украина е незадоволна и од темпото на испорака на оружје од Западот.
„Дефинитивно не сме задоволни. Да бевме задоволни, веднаш ќе започневме со ослободување на Мариупол и со потиснување на руските сили во Донбас“
додаде Жовква
Лидерите на ЕУ договорија план за блокирање на повеќе од две третини од увозот на руската нафта. Забраната е компромис кој засега нема да влијае на увозот на нафта од гасоводи, по противењето на Унгарија.
Но, во пракса, како што рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, опсегот на забраната ќе биде поширок бидејќи Германија и Полска доброволно го укинаа увозот преку нафтоводи до крајот на оваа година.
Постојаниот претставник на Русија во меѓународните организации во Виена, Михаил Улјанов, изјави дека Русија ќе најде други увозници.
Забраната за нафта е дел од шестиот пакет санкции одобрен на Самитот во Брисел, за кој требаше да се усогласат сите 27 земји членки.