Сепак, министерот за дигитална трансформација посочи дека за оваа проблематика ќе биде потребна сеопфатна дискусија во рамки на Владата, односно, како што рече, да се види кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот, како соодветна и правична застапеност на заедниците, но во исто време, според него, прво да се гарантирааат мериторноста, ефикасноста, квалитетот, образованието и искуството на вработените, а не да се гледа, како што додаде, нивниот етнички предзнак
Дигиталната алатка балансер станува минато во Македонија. Ќе ставиме крај критериум за избор за вработување прво да бидете одреден етникум, а потоа професионалец во одредена област, со квалитет и образование. Ова денеска на брифинг со новинарите го најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски посочувајќи дека, како што ветиле и во предизборитето, времето на балансирање по етнички клуч останува во минатото, но, како што рече, сето тоа ќе биде направено со почитување на темелните вредности на Уставот како што, според него, е и соодветната и правична застапеност.

„Од денеска бројките во рамки на дигиталната алатка балансер се променети да одговараат на пописните резултати исклучиво на резидентното население од пописот во 2021 година. Што значи дека лицата попишани во држави како Швајцарија, Германија, Италија нема да бидат дел од дигиталната алатка балансер за вработување во Република Македонија“,
рече тој.
Според него, укинувањето на балансерот ќе оди во фази, а ова сега, како што рече, е првата фаза да се вратиме на законските основи на пописот од 2021 година.
„Потоа со закон и промена на методологијата ќе одиме на целосно укинување на алатката балансер, при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот, а тоа е соодветна и правична застапеност на етничките заедници“,
вели Андоновски.
Сепак, Андоновски посочи дека за оваа проблематика ќе биде потребна сеопфатна дискусија во рамки на Владата, односно, како што рече, да се види кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот, како соодветна и правична застапеност на заедниците, но во исто време, според него, прво да се гарантираат мериторноста, ефикасноста, квалитетот, образованието, и искуството на вработените, а не да се гледа, како што додаде, нивниот етнички предзнак.
„Денеска е првата владина седница на која ќе бидат разговарани одредени прашања за функционирањето на Владата. Знам дека граѓаните имаат големи очекувања промените да се случат брзо, но за ова прашање потребна е сеопфатна дискусија во рамки на Владата“,
рече министерот за дигитална трансформација.
Нагласи дека со тоа ќе се стави крај првично да се биде од некој етникум, а потоа да се биде професионалец во некоја област и да се има квалитет и образование. Стручноста, додаде, ќе биде пред изборот на етничка припадност.
Изет Меџити, министер за животна средина и просторно планирање, рече дека балансерот со кој многу Македонци станале Албанци за да се вработат ќе се замени со Законот за правична застапеност. Според него, балансерот нема да се укине, туку, како што рече, ќе се уреди со закон и ќе претставува законска обврска. Тоа, според него, ќе биде направено за правичната застапеност да стане законска обврска, а не да остане механизам за политичко пазарење, како што беше досега.