За другите видови возила се препорачува задолжителна употреба на зимска опрема
Се укинува забраната за сообраќајот за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража, која претходно беше воведена поради врнежи од снег, соопштија од Јавното претпријатие „Македонија пат“.

Оттаму информираат дека останува воведената забрана за сообраќај на камиони на патниот правец на кракот Маврово – Дебар, како и таа за камиони и автобуси на патот Тетово – Попова Шапка.
За другите видови возила се препорачува задолжителна употреба на зимска опрема.
Екипите на „Македонија пат“ се на терен и работат на расчистување и одржување на коловозите.
Од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) велат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Надлежните апелираат до возачите да возат внимателно, да ја приспособат брзината на условите на патот и задолжително да користат зимска опрема.
