Реакцијата на Универзитетот следува откако во писмото кое го испратија до медиумите, група професори од УКИМ посочија оти во повеќегодишното работење на Ангелова како проректор таа го прекршила законот со што била дел од надзорен и управен одбор и според нив создала простор за злоупотреба на службената положба
Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) денеска преку писмено соопштение ги демантира наводите на групата универзитетски професори кои, поради сомневање за злоупотреба на службената положба на ректорката Биљана Ангелова, поднесоа пријава против неа до Антикорупциската комисија.

Реакцијата на Универзитетот следува откако во писмото кое го испратија до медиумите, а во кое не беа наведени имињата на потписниците, група професори од УКИМ посочија оти во повеќегодишното работење на Ангелова како проректор таа го прекршила законот со што била дел од надзорен и управен одбор и според нив, создала простор за злоупотреба на службената положба.
Ваквите обвинувања од УКИМ ги оценија за невистинити, велејќи оти по прелиминарниот внатрешен преглед, сите изнесени обвинувања во врска Ангелова се неточни. Посочуваат оти е обесхрабрувачки како името на ректорката и на Универзитетот се вовлекуваат во контроверзии врз основа на потенцијално погрешни информации.
„Ние ги негуваме вредностите на нашата институција за транспарентност, интегритет и потрага по вистината во највисоко почитување. Иако ја разбираме тежината на таквите наводи, императив е да им пристапиме со остроумен ум, потпирајќи се на докажани факти, а не на претпоставки“,
се наведува во реакцијата на Универзитетот.
Од голема важност, посочуваат од УКИМ, е да не се носат опсежни јавни пресуди врз основа на неосновани тврдења, особено кога тие се презентираат анонимно.
„Универзитетот искрено бара од медиумите и јавноста да бидат внимателни и воздржани во ширењето непроверени информации. Дезинформациите или ‘лажните вести’ можат да бидат штетни, а Универзитетот верува во важноста да се постапува одговорно“,
посочуваат од УКИМ во писменото соопштение.
Професорката Биљана Ангелова од Економскиот институт на 15 септември годинава официјално ја презема ректорската функција на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а обвинувањата на групата универзитетски професори кон неа се поврзани со периодот во кој таа ја извршуваше функцијата проректор.
