На факултетите на најголемиот државен универзитет во земјава годинава може да се запишат вкупно 10 473 студенти. Најмногу слободни места, или вкупно 1 150, годинава има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ)
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје го објави конкурсот за запишување на студенти на прв циклус студии во академската 2023/2024 година. На факултетите на најголемиот државен универзитет во земјава годинава може да се запишат вкупно 10 473 студенти.

Најмногу слободни места, или вкупно 1 150, годинава има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). По ФИНКИ, следуваат Правниот факултет „Јустинијан Први“ со 1 055 слободни места и Природно-математичкиот факултет (ПМФ) на кој годинава може да се запишат 1 050 студенти.
Филозофскиот факултет ги отвора вратите за нови 915 студенти, на Филолошкиот факултет годинава се ослободени 775 места, а 700 нови студенти годинава ќе може да се запишат на Економскиот факултет.
Според конкурсот, 5 074 места се наменети за редовни студенти во државна квота, т.е. кои се финансираат од буџетот и плаќаат партиципација од 200 евра по година, 4 439 места се за редовни студенти кои плаќаат школарина од 400 евра годишно и 960 слободни места има за вонредни студенти.
Првиот рок за пријавување на кандидатите е 30 и 31 август, вториот е на 18 и 19 септември, а третиот рок за пријавување на факултетите на кои ќе има слободни места, е на 28 септември.
На веб-страницата на УКИМ е објавен конкурсот за запишување на студентите, на кој се наведени условите и критериумите за запишување, документите што се потребни за пријавувањe, како и пресметка на поените од успехот постигнат на државната матура.