Такси-превозниците се должни да користат мобилни фискални апарати со ГПРС, да го регистрираат секој остварен промет и да издаваат фискални сметки за секоја услуга
Управата за јавни приходи (УЈП) најавува засилени контроли кај автотакси-превозниците низ целата држава, со посебен фокус на почитувањето на обврската за издавање фискални сметки и регистрирање на готовински плаќања. Контролите ќе се спроведуваат во координација со други институции, особено во туристичките региони, каде што летниот период носи зголемена активност и број на патници.
Од Управата за јавни приходи велат дека такси-превозниците се должни да користат мобилни фискални апарати со ГПРС, да го регистрираат секој остварен промет, да издаваат фискална сметка за секоја услуга и да го евидентираат прометот во дневните извештаи. Дополнително, прометот мора да биде уплатен на трансакциска сметка најдоцна следниот работен ден, а во возилата мора јасно да биде истакнато известување за обврската на клиентите да бараат фискална сметка.
„Граѓаните кои имаат сознанија за нерегуларности – како неиздавање фискални сметки – можат да пријават преку бесплатниот број 198 или на е-поштата [email protected]“,
велат од УЈП.
Оттаму нагласуваат и дека ќе постапуваат по сите добиени пријави во рамки на своите надлежности. Воедно, ги повикуваат сите даночни обврзници да ги почитуваат законските прописи.
„Издавањето фискални сметки не е само законска обврска – тоа е дел од правично и фер стопанисување, кое придонесува кон поголема транспарентност и еднакви услови за сите“,
заклучуваат од УЈП.