Оттаму најавуваат засилени контроли во пресрет на новогодишните празници во кои ќе бидат опфатени ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичарници и други субјекти кои работат со готовински плаќања

Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека до крајот на ноември се спроведени околу 4 000 контроли, при што се евидентирани неправилности во делот на неиздавање фискални сметки, па се изречени над 2 500 глоби, а на 113 даночни обврзници им е изречена забрана за вршење дејност.
„Фактот дека секоја четврта контрола завршува со утврдена неправилност во делот на неиздавање фискални сметки укажува на широка појава на неевидентирање на готовинскиот промет. Во поширок контекст, овој факт укажува и на користење на неевидентираниот промет за плаќања во готовина меѓу фирми и исплата на плати во плик, практики кои се спротивни на законот и претставуваат облици на сивата економија, создаваат нелојална конкуренција и предизвикуваат загуби за буџетот. Кон поголем број од даночните обврзници кои беа казнети за неиздавање фискални сметки и неевидентиран промет, УЈП испрати персонализирани пораки со повик обврзниците да поднесат исправки на даночните пријави, да го пријават прометот и да го платат данокот. УЈП го следи постапувањето на овие даночни обврзници и најавува дека доколку не постапат доброволно, ќе следуваат и дополнителни контроли со примена на индиректни методи за утврдување на прикриениот промет и неплатениот данок“,
се наведува во денешното соопштение од УЈП.
Оттаму најавуваат и засилени контроли во пресрет на новогодишните празници, во кои ќе бидат опфатени ресторани, кафе-барови, дискотеки, сендвичарници и други субјекти кои работат со готовински плаќања.
Пред отпочнување со подеталните контроли и изрекувањето на санкциите, од УЈП велат дека спроведеле обемен процес на советодавни активности и канцелариски анализи со цел да се согледа однесувањето на даночните обврзници и нивото на усогласеност со законските прописи.
