Забележан е и значителен раст кај прекршоците поврзани со невоведување фискален систем, каде што бројот на изречени глоби е зголемен од седум на 32 во однос на минатата година, а поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години на 25 субјекти им е изречена мерка привремена забрана за вршење дејност, односно запечатување на објектите
Управата за јавни приходи (УЈП) во првите четири месеци од годинава утврдила неправилности кај над 40 отсто од контролираните субјекти во однос на Законот за регистрирање на готовинските плаќања (ЗРГП), при што 30 отсто од случаите се однесуваат на неиздавање фискални сметки, издавање непропишани сметки и непоседување фискална каса.

Од УЈП велат дека бројот на субјекти со утврдени неправилности бележи раст и покрај континуираните контроли.
Минатата година неправилности се утврдени кај 32 отсто од контролираните субјекти, додека годинава тој процент се зголемил на 42 отсто.
„За утврдените прекршувања во првите четири месеци од 2026 година се изречени глоби на правните и одговорните лица кај 395 субјекти. Најчеста неправилност останува неиздавањето фискални сметки, за што се изречени 242 глоби“,
се вели во соопштението на УЈП.
Забележан е и значителен раст кај прекршоците поврзани со невоведување фискален систем, каде што бројот на изречени глоби е зголемен од седум на 32 во однос на минатата година.
Поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, на 25 субјекти им е изречена мерка привремена забрана за вршење дејност, односно запечатување на објектите.
УЈП информира дека се спроведени вкупно 960 контроли за фискализација, во кои се опфатени 434 угостителски објекти, 318 трговски, 201 услужен објект и седум приредувачи на игри на среќа.
Контролите, како што се наведува, се реализирани врз основа на пријави од граѓани преку телефонската линија 198, интерни анализи на УЈП и координација со други надлежни институции.
Од УЈП додаваат дека бројот на пријави од граѓани е зголемен за 36 отсто, а во изминатиот период се пристигнати вкупно 887 пријави.
