Од вкупниот износ, како што се вели во соопштението од управата, даночните приходи изнесуваат две милијарди и 334 милиони евра, што е остварен раст од 7,5 отсто, односно 163,2 милиони евра повеќе од лани
Управата за јавни приходи (УЈП) денеска информира дека во 2025 година во националниот буџет се собрани четири милијарди и 426 милиони евра од даноци и социјални придонеси, што е 308,3 милиони евра повеќе во споредба со претходната 2024 година.

Од вкупниот износ, како што се вели во соопштението од УЈП, даночните приходи изнесуваат две милијарди и 334 милиони евра, што е остварен раст од 7,5 отсто, односно 163,2 милиони евра повеќе од лани.
„Приходите од ДДВ се темелат на стабилен раст на наплатата на данокот платен за промет во земјата, при што во повеќе месеци е забележан пораст од 10 до 13 отсто во однос на истиот период претходната година. Кај данокот на добивка растот произлегува од аконтативното плаќање за 2025 година на повисока даночна основица, како и од зголемената наплата на задржан данок од дивиденди и други приходи исплатени кон странски основачи и партнери на компаниите, каде е регистриран раст од над 30 отсто“,
велат од УЈП.
Во делот на данокот на личен доход, најголемо учество има данокот на плати кој бележи стабилен месечен раст и вкупен пораст над 10 отсто, а висок раст е остварен и кај данокот на доходите од договорни услуги, земјодеелство и самостојна дејност.
Кај социјалните придонеси, според УЈП, се собрано две милијарди и 92 милиони евра, што е 145,2 милиони евра повеќе од 2024 година, односно раст од 7,5 отсто.
Овие резултати, како што велат од оваа институција, се должат на засилена и навремена наплата на обврските со заедничка одговорност на даночните обврзници, раното интервенирање и доследната примена на законските мерки.
И оваа година, УЈП ќе продолжи со активности за ефикасно, правично и транспарентно собирање на јавните приходи.
