Од Управата нагласуваат дека обврската за овие граѓани постои независно од тоа дали данокот во странската држава е платен или не
Граѓаните кои во текот на 2025 година примиле плата или друг вид доход од странство, имаат рок до 31 март годинава да ги достават електронската пресметка и соодветните докази за остварениот приход до Управата за јавни приходи (УЈП). Пресметката треба да ја поднесат преку системот е-Даночни услуги на УЈП.

Од Управата нагласуваат дека обврската за овие граѓани постои независно од тоа дали данокот во странската држава е платен или не.
„Заедно со пресметката мора задолжително да се достават и докази – потврда од исплатувач, извод од банка, договор за извршени услуги, платни листи или друга релевантна документација што го покажува износот, видот и периодот на остварениот доход, како и евентуално платениот данок во странство“,
информираат од УЈП.
Оттаму апелираат граѓаните навремено да ги извршат сите обврски со цел правилно утврдување на даночната обврска и избегнување дополнителни постапки и санкции.
