„Доколку како физичко лице изнајмувате деловен простор во земјава, давате менаџерски, правни, економски, инженерски, занаетчиски услуги, давате приватни часови на ученици и студенти, остварувате приходи од продажба на земјоделски производи или вршите друг оданочив промет и во 2025 година сте оствариле промет над 2 000 000 денари, треба да се регистрирате за целите на ДДВ“, се вели во соопштението од Управата
Сите правни и физички лица што заклучно со декември 2025 година оствариле вкупен промет повисок од 2 000 000 денари од вршење оданочив промет на добра и услуги, имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01), информираат од Управата за јавни приходи (УЈП).

„Доколку како физичко лице изнајмувате деловен простор во земјава, давате менаџерски, правни, економски, инженерски, занаетчиски услуги, давате приватни часови на ученици и студенти, остварувате приходи од продажба на земјоделски производи или вршите друг оданочив промет и во 2025 година сте оствариле промет над 2 000 000 денари треба да се регистрирате за целите на ДДВ“,
се вели во соопштението од УЈП.
Оттаму додаваат дека вкупен промет за целите на ДДВ е прометот што го направил обврзникот во текот на годината по основ на продажба на добра и извршени услуги.
Во вкупен промет не влегува прометот што е ослободен од ДДВ без право на одбивка на претходен данок, како на пример, изнајмување на станбени објекти и станови за живеење, услуги на осигурување и реосигурување, здравствени услуги, услуги за изучување на странски јазици и услуги на компјутерски центри, меѓународен превоз на патници и друго.
Како што информираат од УЈП, во вкупен промет не влегува и прометот кој се врши кон странски даночни обврзници и кој не подлежи на оданочување со ДДВ, како, на пример, вршење консултантски, адвокатски, ИТ и други услуги кон странски даночни обврзници.
„Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, вкупниот годишен промет за цели за ДДВ се пресметува на тој начин што се зема вкупниот остварен промет за месеците кога ја вршел дејноста и истиот се дели со бројот на месеците на работење, а потоа се множи со дванаесет, при што се добива вкупен годишен промет“,
велат од Управата.
Како пример од УЈП го посочуваат следното:
„Ако сте склучиле договор за закуп на деловен простор со почеток од 01.07.2025 година, а месечната закупнина изнесува 200 000 денари, пресметката за вкупен годишен промет за цели на регистрација за ДДВ е следна: Бруто-приход за шест месеци: 1 200 000 денари, Месечен бруто-приход: 1 200 000 поделено со шест месеци е еднакво на 200 000 денари. Вкупен годишен приход: 200 000 помножено со 12 месеци е еднакво на 2 400 000 денари. Во овој случај даночниот обврзник има обврска да се регистрира за целите на ДДВ“.
Според УЈП, пријавата за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01), може да се достави и од даночните обврзници што сакаат доброволно да се регистрираат за ДДВ.
„Пријавите за регистрација за ДДВ се доставуваат најдоцна до 15 јануари 2026 година, електронски на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices, лично во организациска единица на УЈП или по пошта. Истовремено укажуваме дека физичките лица – ДДВ-обврзници, заради електронско потпишување и поднесување на ДДВ-пријавите, треба да набават и дигитален сертификат на УСБ-токен“,
велат од оваа установа.
Оние кои се регистрирани за ДДВ, а кои не оствариле промет над 2 000 000 денари во претходната календарска година и кај кои е истечен најмалку тригодишен период од регистрацијата за целите на ДДВ, како што посочуваат од УЈП, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност.
„Пријавата за отповикување на регистрација за ДДВ (образец ДДВ-01Б) се поднесува најдоцна до 15 јануари 2026 година по електронски пат на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices , лично во најблиската организациска единица на УЈП или по пошта“,
велат оттаму.
Инаку, УЈП може службено да изврши прекинување на регистрацијата за ДДВ доколку утврди дека во претходната календарска година, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажан данок за извршен промет и без искажан претходен данок за одбивање, во двете претходни календарски години, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажување на данок за извршен промет, со исклучок кога во истите периоди во даночните пријави искажува само промет ослободен од данок со право на одбивка или претходен данок кој произлегува од промет на инвестициони добра извршен кон даночниот обврзник или увезени од него, кога даночниот обврзник не може да се најде на пријавената адреса и на адресата за вршење на деловни активности, но и кога даночниот обврзник не поднесувал даночна пријава за најмалку два даночни периоди кај месечните или тримесечните даночни обврзници или кога кај даночниот обврзник претходно е идентификувано даночно затајување.
За дополнителни информации, правните и физичките лица може да се обратат во контакт центарот на УЈП на: [email protected] или преку телефонските броеви 0800 33 000 и 02 3253 200.
