Угостителите утре во 12 часот ќе излезат на протест пред Министерството за финансии барајќи финансиска помош за нивниот сектор. Како што соопштија денеска од Туристичко-угостителската комора, тие ќе протестираат додека не се исполнат нивните барања.
„За спас на угостителските дејности се бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти поделени во три категории врз основа на бројот на вработените во 2020, еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои веќе една година им е забранета нивната примарна дејност и кои со месеци немаат никаква помош, како и утврдување на мораториум, односно репрограмирање со грејс-период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојната банка, сè додека не ни се дозволи да работиме без рестрикции“,
соопштија организаторите на протестот на денешната прес-конференција.
Барањата на туристичките агенции, пак, се да добијат еднократна неповратна финансиска помош, како и продолжување на рокот на туристичките ваучери што не се искористени. Исто така, бараат ваучерите од владината мерка „Дома си е дома“ да се користат исклучиво преку туристичките агенции за да можат да бидат опфатени хотелите, агенциите, водичите и превозниците.
„Со протестот сакаме јавно да го покажеме нашето незадоволство од ситуацијата во која се наоѓаме, но и гласно и јасно да предупредиме дека уништувањето на овој сектор треба да се гледа и низ призма на загуба на сериозна бројка на работни места како и затворање на многу деловни субјекти од кои егзистираат цели семејства“,
рекоа организаторите.
Во организација на протестот, како што соопштија, се вклучени околу 6 000 правни субјекти од туристичко-угостителскиот сектор. Најмногу од нив се угостителски објекти и туристички агенции од Комората, а поддршка имаат и од игротеките, од групата на забавни и рекреативни дејности, Асоцијацијата на туристички работници, движења за социјална правда и др.
