Независна угостителска комора (НУК) испратила официјално барање да учествува на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести бидејќи, што велат, во јавноста излегуваат изјави од членовите на Комисијата за целосен „локдаун“ или за нови рестрикции за угостителските објекти за новогодишните празници.
„Бараме да ни се овозможи да ги слушнеме грижите и оправдувањата на членовите на Комисијата за заразни болести поради кои сака да ги усвои најавени рестриктивни мерки и истовремено да ни се дозволи и овозможи да укажеме за нивните недоследности, нелогичности, очекувани негативни ефекти и општествени последици, не само за сите угостители и целокупната угостителска индустрија, туку и за сите граѓани на нашата држава“,
велат од НУК.
Барањето доаѓа, како што велат, откако во јавноста излегле изјави дека се размислува угостителските објекти да се затворат во периодот од 31 декември до 8 јануари.
Тие бараат да не се носат ад хок одлуки и да се закомплицира состојбата на нивниот сектор, да им се помогне со тоа што ќе се изработи стратешка програма со предлог-мерки и протоколи наменета за целата угостителска индустрија за наредната 2021 година.