Како што информира денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, идната недела најверојатно ќе се одржи уште еден состанок на кој ќе бидат присутни и тој и министерот за здравство Азир Алиу, а ќе се разгледаат сите можности
Прво кампања па примена на Законот против пушењето, побарале угостителите на средбата со државниот секретар во Министерството за економија и труд.

Како што информира денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, идната недела најверојатно ќе се одржи уште еден состанок на кој ќе бидат присутни и тој и министерот за здравство Азир Алиу, а ќе се разгледаат сите можности.
Дурмиши не кажа дали е можно да се пролонгира имплементацијата на Законот која треба да почне од 1 март, но напомена дека целта е грижа за јавното здравје.
На претстојниот состанок, потенцира тој, ќе се донесе одлука што ќе биде прифатена од сите засегнати страни, вклучувајќи ги и угостителите.
„Ги слушнавме забелешките на угостителите кои побарале одреден временски период до стапување во сила на Законот, односно да одиме прво со кампања па потоа со информација додека почне примената, за да бидат на некој начин подготвени. Ние ќе им повториме која е целта и на крај ќе донесеме одлука што ќе биде прифатена од сите засегнати страни, вклучувајќи ги и угостителите“,
изјави Дурмиши одговарајќи на новинарски прашања по настанот во Владата, на кој беше презентиран Законот за работно ангажирање лица.
Со нацрт-законот за заштита од пушење се предвидува драстично заострување на државната политика кон пушењето цигари и тутунските производи.
Освен целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, предлог-законот изработен од Министерството за здравство предвидува и забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунски и никотински производи.
