По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, екипи на Македонското еколошко друштво излегле на терен и констатирале смрт кај рисот, кој е еден од педесетината преостанати единки од овој вид
Угинат балкански рис денеска бил пронајден на патот Ресен-Охрид од страна на припадници на Здружението на ловци „Преспа-Ресен“. По дојава од Здружението, екипи на Македонското еколошко друштво (МЕД) излегле на терен и констатирале смрт кај рисот, кој е еден од педесетината преостанати единки од овој вид.

„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“,
велат од Македонското еколошко друштво.
Информираат дека во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина и Агенцијата за храна и ветеринарство со цел земање примероци за анализа и транспортирање на рисот на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ заради обдукција.
