Квалификацискиот натпревар за ЕП помеѓу Романија и Косово се одржа минатата недела во Букурешт. Беше прекинат околу 20. минута откако дел од домашните навивачи скандираа „Србија, Србија“ и истакнаа транспарент на кој пишуваше „Косово е Србија“ и покрај правилата на УЕФА кои забрануваат политички ставови на натпреварите во нејзина организација
Европската фудбалска федерација (УЕФА) ја казни фудбалската федерација на Романија за просрпското скандирање на навивачите за време на натпреварот против Косово, наредувајќи следниот натпревар од квалификациите за Европското првенство на Романија да се игра на празен стадион.
Дополнително, романската федерација ќе треба да плати парична казна во вкупен износ од 52 илјади евра.
Квалификацискиот натпревар за ЕП помеѓу Романија и Косово се одржа минатата недела во Букурешт.
Мечот беше прекинат околу дваесеттата минута откако дел од домашните навивачи скандираа „Србија, Србија“ и истакнаа транспарент на кој пишуваше „Косово е Србија“ и покрај правилата на УЕФА кои забрануваат политички ставови на натпреварите во нејзина организација.

По 45-минутен прекин, натпреварот беше продолжен и заврши со резултат од 2 : 0 во корист на Романија.
Еден ден по мечот, романскиот фудбалски сојуз соопшти дека се оградува од „неодговорното однесување на група гледачи“ што доведе до прекин на натпреварот.

Романија не го признава Косово како независна држава.
Согласно казната од УЕФА, Романија на 15 октомври без навивачи на трибините ќе ја пречека селекцијата на Андора во натпреварот од групата И од квалификациите за ЕП 2024 година.