Од фирмата „Биокосмос“ велат дека фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот комплекс, не е зафатена од пожарот и производството таму продолжува нормално

Удар од гром е причина за пожарот што синоќа го зафати производствениот погон на „Биокосмос“, информираат преку соопштение од фабриката „Мирана“.
Дел од просториите на „Биокосмос“ се оштетени и од фирмата најавуваат дека привремено ќе бидат надвор од употреба.
Оттаму додаваат дека фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот комплекс, не е зафатена од пожарот и производството таму продолжува нормално.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека пожарот што избувна синоќа, рано утринава во 4 часот е локализиран.
Пожарникарите и останатите служби и натаму остануваат на терен за да спречат евентуално повторно разгорување на огнот поради тоа што сѐ уште постојат слаби чадења на одредени места во фабриката.
Во гасењето на пожарот учествувале пожарникари со три противпожарни возила од велешката противпожарна, едно возило од Јавното комунално претпријатие „Дервен“, две специјални пренаменети возила на Дирекцијата за заштита и спасување, а на терен биле присутни и шест полициски службеници од СВР Велес.