Ѓорѓиевски вели дека најголем проблем е урбаната опрема за кафулињата, а за затекнатите неправилности рече дека им било укажано на угостителски објекти и им бил даден рок за нивно отстранување

Од извршени над 90 отсто вонредни инспекциски контроли на училишта, градинки, јавни установи, културни домови и спортски сали во земјава било контатирано дека сите се безбедни. Ова денеска го соопшти претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски по седницата на Управниот одбор на ЗЕЛС.
Во останатите објекти, како што рече Ѓорѓиевски, се уште се во тек надзорите кои се очекува да завршат за многу скоро.
Тој додаде дека, согласно законот општините немаат надлежност да ја проверуваат исправноста на противпожарните апарти во училиштата, но тоа го правеле од Дирекцијата за заштита и спасување кои учествувале во инспекциите заедно со инспекторите од општините.
Ѓорѓиевски рече дека инспекциите ќе продолжат и во наредниот период, а ЗЕЛС денеска дале препорака до општините да се направат строги контроли во сите станбени згради, а на потемелни контроли да подлежат и сите урбани опреми кои се поставени во општините.
„Во наредниот период практично секаде ќе има инспектори на терен“,
рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде и дека инспекторите за домување ќе им дадат препораки на управителите на станбените згради да постапат по забелешките што ќе ги утврди инспекцијата, особено во делот на хидрантите.
Инспекторите што недостасуваат во општините, претседателот на ЗЕЛС рече дека ќе се надмине со меѓусебна координација во наредниот период, односно со спроведување на меѓуопштинска соработка помеѓу две или три општини со цел, како што додаде, и последниот објект во државата да биде проверен и да биде безбеден.
Тој упати порака до граѓаните да веруваат во институциите и во локалната самоуправа. На општините им препорача да ги откажат сите јавни настани кои биле планирани во овој период или да се најде соодветен начин за интерпретација на тие настани, како и да се засадат дрва во чест на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На прашањето што и кој контролирал и зошто чекале досега, Ѓорѓиевски рече дека вакви контроли се правеле и лани, но никој во јавноста не информирал за тоа какви контроли и од каков тип се спроведени.
„Никој градоначалник не би дозволил децата да одат во градинките и во училиштата без да бидат контролирани и да бидат оставени туку така да ги посетуваат. Во мојата општина пред нова година беа извршени инспекции во сите осум училишта за што се направени записници. Во најголем дел од случаите во нив учествуваа и сите останати инспекции“,
рече Ѓорѓиевски.
Прашан дали треба да има законски измени за контролите, рече дека смета оти се недопрецизирани законите и оти во наредниот период треба да се работи на тоа.
„Денеска се формираше работна група која ќе работи на унифицирана програма и правилник за поставување на урбана опрема која ќе биде еднаква во сите општини. Ако утврдат дека е потребна и законска интервенција за да бидеме унифицирани на републичко ниво ќе го побараме и тоа“,
истакна Ѓорѓиевски.
Она што е најголем проблем во државата, како што рече Ѓорѓиевски, е урбаната опрема за кафулињата.
„Во многу од контролираните угостителски објекти се затекнати неправилности, на многу места е укажано на тие неправилности. Даден е рок за нивно отстранување. Сметам дека треба да им оставиме еден месец за да ги отстранат неправилностите. Некаде веќе е постапувано како во општина Центар“,
рече Ѓорѓиевски.
Порача дека секоја општина мора да има доволен број на инспектори и истакна дека во наредниот период ќе се прават притисоци во Министерството за финансии за да се добијат согласности за вработување на инспектори секаде каде што нема.
„Мора секоја општина да биде подготвена да се справи со секој предизвик и затоа централните институции ќе мора да ни подадат рака во наредниот период. Недостасуваат најмалку 40 градежни инспектори за нормално да се функционира“,
рече Ѓорѓиевски.