Со правилникот на Државната изборна комисија, според премиерот, гласачките ливчиња би можеле да бидат долги и збунувачки, со што граѓаните би биле обесхрабрени да излезат и да гласаат
Сè е можно, дури и гласачкото ливче да биде долго седум или осум метри и да ги обесхрабри граѓаните да излезат и да се намали цензусот – вели премиерот Христијан Мицкоски во однос на неодамна донесениот правилник на Државната изборна комисија (ДИК) со кој се дозволува независните кандидати да се кандидираат на претстојните локални избори со само два граѓански потписи од изборната единица, што несомнено може да значи енормно зголемување на бројот на кандидати.

Премиерот вели оти согласно Уставот и Законот, доколку избирачкиот процес е неуспешен, токму Владата е таа која би требало да именува владини поверници, со што неодговорното однесување на поединци или политички партии може да резултира и со ваков тип можности.
„Сега, дали тоа ќе се случи, ќе видиме за многу скоро од денеска, до 1 сепетември треба да заврши овој процес и да се види каков ќе биде“,
рече Мицкоски.
Пред Државната изборна комисија да го донесе правилникот, минатата сабота во Собранието беа поднесени измени на Изборниот законик, чија цел беше да се регулира бројот на потписи што треба да ги соберат независните кандидати за да може да учествуваат на избори. Но, на гласањето според Бадентер измените не поминаа – од пратениците од немнозинските заедници 11 гласаа „за“, а 18 беа „против“ (немаше воздржани).
На гласањето му претходеше кратка дебата меѓу пратеници од коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, ЗНАМ и Левица.
Пратениците од „Европски фронт“ рекоа дека не биле консултирани за предлог-измените кои вообичаено се носат со консензус. Тврдеа и дека со законското решение се нарушуваат правата на нерезидентното население во земјава, односно на иселениците од кои, како што рекоа, повеќето се Албанци.
На ова одговори координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски, кој рече дека сè уште е на истото мислење од пред четири години дека не треба да се зголеми бројот на потписи за независните листи.