Претходно, Владата на седница на 15 јули го усвои текстот на законското решение за средно образование на верските заедници со кој им се отвори патот на Македонска православна богословија „Свети Климент Охридски“ и на Средното исламско училиште Медреса „Иса Беј“ за влез во државниот образовен систем

Собранието го усвои предлог-законот со кој учениците од верските заедници ќе можат да полагаат државна матура и да се запишуваат на универзитетите, исто како и другите ученици, јави МИА.
Целта на законот, како што е наведено во образложението, е да се обезбеди најдобриот интерес на учениците запишани во верските училишта, преку создавање законска можност за полагање на државна матура согласно со Законот за средното образование и Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит.
Со тоа, како што се посочува во законот, се овозможува непречено продолжување на нивното образование на универзитетите во Република Северна Македонија.
За пратениците од опозициската СДСМ, ова законско решение е противуставно и се руши секуларноста на државата. Законот, како што оценија, има бројни нејасностии и институционални проблеми и се носи без јавна дебата.
Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска посочи дека отсуствуваат механизми за контрола и увид во финансирањето и содржините што ќе се изведуваат. Ваков закон, како што рече, нема во ниту една држава од Западен Балкан. Праша со каква подготвеност овие ученици ќе се запишуваат на високообразовните установи.
„Според амандманот 7 од Уставот, државата мора да биде неутрална во однос на религијата, а верските заедници и државата се одвоени. Секоја легислатива што го доведува овој принцип во прашање мора да се разгледа со особена претпазливост. Автономијата на верските заедници е загарантирана, но со влезот на овие училишта под државна капа, тие мора да ги следат државните образовни стандарди и критериуми“,
кажа Костадиновска-Стојчевска.
Пратениците од албанскиот блок искажаа поддршка на предложеното законско решение, кое според нив е неопходно, но полемиката меѓу нив беше во тоа кој е заслужен за донесувањето на законот.
Сали Мурати од „Европскиот фронт“ рече дека се за ова законско решение, но оти текстот на законот би бил подобар доколку се прифателе поднесените амадмани.
Претходно, Владата на седница на 15 јули го усвои текстот на законското решение за средно образование на верските заедници со кој им се отвори патот на Македонска православна богословија „Свети Климент Охридски“ и на Средното исламско училиште Медреса „Иса Беј“ за влез во државниот образовен систем.
Двете најголеми верски заедници повеќе години бараат да се донесат законски промени со кои учениците што матурираат таму да можат да го продолжат своето образование на редовните државни или приватни универзитети во земјава.