Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, посочи оти учениците нема да бидат ускратени од можноста да го надоместат изгубениот материјал, а оти тој би се надоместил преку скратена наставна програма, за која, како што посочи, предвидува реализирање на наставната содржина во целост, но во позбиена форма и со поголема динамика
Учениците нема да бидат ускратени од понудата и можноста да го надоместат она што досега го имаат пропуштено, рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на денешната прес-конференција, на која информираше оти генералниот штрајк на вработените во училиштата и градинките ќе продолжи.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што би предвидувала скратената наставна програма, според која би се надоместил изгубениот материјал во училиштата, Неделков посочи оти програмата предвидува реализирање на наставната содржина во целост, но како што додаде, во позбиена форма и со поголема динамика.
„Скратената програма предвидува наставната содржина да се реализира во целост во една позбиена форма, односно со поголема динамика. Така што, нашето убедување како наставници е дека учениците нема да бидат ускратени од понудата и можноста да го надокнадат она што сега го имаат пропуштено. Имаме искуство, сме работеле и друг пат во такви услови, па и за време на пандемијата кога часовите траеја по 30 минути, а требаше истата наставна содржина да се реализира во рамки на 30 минути“,
истакна претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на денешната прес-конференција.
Досега, како што посочи Неделков, наставниците имаат изгубено по еден, два, три или пет часа, во зависност од предметот кој го предаваат, но како што додаде, секој од наставниците знае како да ги надополни изгубените наставни часови.
Во однос на прашањето дали и колку ангажирањето на заменски наставници во училиштата би влијаело на штрајкот на СОНК, претседателот на Синдикатот смета оти тоа воопшто нема да влијае врз штрајкот на вработените во образованието. Неделков посочи оти, иако ја критикуваат оваа одредба за воведување заменски наставници, за која, како што рече, никаде во светот ја нема освен во Македонија, сепак, додаде оти во овој случај таа одлука би била добра.
„Работодавачите нека си обезбедат заменски работници кои не штрајкуваат. Нека не бидат штрајкувачите виновни затоа што нема воспитно-образовен процес. Нека си обезбедат установите заменски наставници, заменски хаусмајстори, заменски градинари итн. Без разлика на кое работно место се наоѓаат вработените, директорите, министерствата имаат можност да менаџираат и да обезбедат. Иако велам, не е тоа решението. Решението е друго“,
додаде Неделков.
На прес-конференцијата која попладнево ја свика претседателот на СОНК, беше кажано оти генералниот штрајк во училиштата и градинките кој Синдикатот го започна пред една недела ширум земјава, ќе продолжи и од утре. Причината за продолжување на штрајкот е тоа што за 95 проценти од синдикалните организации кои ги застапува СОНК била неприфатлива понудата од Владата за зголемување на платите во секторите образование и детска заштита за 10 отсто.
Барањата на Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК), меѓу другото, беа зголемување на платите за 18,4 отсто во овие сектори и нивно усогласување со минималната плата, која од овој месец е повисока за 2 800 денари.