Од Министерството велат дека е испечатен целиот тираж што го побарале училиштата и дека има учебници за сите ученици. Во однос на обвинувањата на СДСМ дека електронскиот дневник не функционира, оттаму велат дека системот функционира одлично, а оти во него веќе се регистрирани над 250 илјади корисници
Министерството за образование и наука (МОН) ги демантира наводите што денеска ги изнесе опозицискиот СДСМ оти во училиштата недостигаат многу учебници и оти учениците немаат учебници за голем број предмети, а и оние што ги има се искинати или половични.

Од МОН велат дека е испечатен целиот тираж што го побарале училиштата и дека има учебници за сите ученици, вклучително новите учебници за седмо одделение и прва година гимназиско образование, како и учебниците по странски јазици кои недостигаа неколку учебни години. Велат дека досега е испорачан најголем дел од тиражот.
„Над 90 отсто се испорачани, а на дистрибутерите им се потребни уште неколку дена за да ја заокружат целосно испораката. Планот за распределба на учебниците кон ученици го прават училишните раководства и персоналот“,
велат од МОН.
Во однос на обвинувањата на СДСМ дека електронскиот дневник не функционира, од Министерството велат дека системот е-дневник, кој е изработен со поддршка на ИПА-фондовите на ЕУ, функционира одлично, а оти во него веќе се регистрирани над 250 илјади корисници – наставници, класни раководители, директори и администратори.
„Веќе се внесени повеќе од 90 проценти од податоците за учебната 2025/2026 година. Над 15 илјади паралелки се креирани, а класните раководители внесоа над 3 000 распореди. Податоците од старите системи се пренесени во новиот систем. Од почетокот на користењето на системот нема никакви предизвици, а Министерството е постојано на располагање за каква било потребна корисничка и техничка поддршка преку службена е-пошта“,
додаваат од Министерството за образование и наука.
Во оваа смисла, МОН оцени дека обвинувањата на СДСМ се резултат на неуспехот од изминатите седум години кога нивните министри не успеале да обезбедат нови учебници ниту да го унапредат е-дневникот.