„Постојат некои недоразбирања каде што се бараат учебници кои реално ги нема и реално нема ни учебници затоа што училиштата не ги побарале од министерството“, вели министерката

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска порача дека наредната учебна година ќе има учебници за секое дете, најавувајќи дека дотогаш ќе се надминат одредени недоразбирања помеѓу министерството, општините и училиштата.
Јаневска ова го изјави за време на работната посета на Тетово, на последниот ден од учебната година и по повод завршената реконструкција на ОУ „Андреја Савески-Ќиќиш“.
„Очигледно има некакви недоразбирања меѓу раководствата на училиштата, па и меѓу некои општини и централната власт. Учебници треба да има за секое дете. Министерството ќе обезбеди учебник за секое дете. Постојат некои недоразбирања каде што се бараат учебници кои реално ги нема и реално нема ни учебници затоа што училиштата не ги побарале од министерството. Оваа година сериозно ќе се потрудиме тој предизвик да го надминеме и токму затоа утре ќе имаме прес-конференција. Молам да следите сè во детали, ќе биде опишано за да не доаѓа до такви недоразбирања“,
истакна Јаневска.
На новинарско прашање зошто нема наставници по албански јазик во дијаспората, Јаневска посочи дека недостиг постои и за двата јазика (македонски и албански) и дека се работи на изнаоѓање решение.
„Нема ни кај Албанците ни кај Македонците. Во тек сме и со тој проблем. Планираме секоја година да зголемуваме одреден број, но имав искуство во неколку држави во кои иселениците сами се организираат да си најдат наставник од локално ниво. Оти тие меѓу себе имаат и по некој наставник. Доколку тие го обезбедат наставникот, затоа што е полесно да е оттаму, отколку да патува од Македонија и да има одвоен живот од семејството, ние максимално ќе ги поддржиме. И не е битно дали се Албанци или Македонци, и Турци и Срби и така натаму, секаде каде што има потреба, максимално ќе ја поддржиме и ќе направиме сè што можеме“,
одговори министерката.
Во однос на прашањето за реконструкциите и изградбата на нови училишни згради, Јаневска истакна дека новата влада континуирано вложува во инфраструктурата, но дека за една година може да се направат само одредени работи.
Таа соопшти дека со 32 милиони евра се инвестира во повеќе инфраструктурни проекти. Во моментов се градат седум училишни згради, се реновираат 20 училишта, во тек е изградба на четири спортски сали и се реконструираат два студентски дома.