Обвинителката Крстевска-Јосифовска кажа дека обвинетите ја убиле Вања и ја закопале во дупка без грам чувство и родителска грижа, иако и самите биле родители
Убиството на дете е директен напад на човечноста, чин кој не смее да се оправда и да се заборави. Сторителите заслужуваат не само правна, туку и морална осуда од целото општество и заедница. Ова го кажа обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска во завршните зборови од судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, со што процесот се приведува во завршна фаза.
За грабнувањата се обвинети Љупчо Палевски-Палчо, како директен извршител на убиствата, Влатко Кешишов, Велибор Манев, Боре Видевски и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања. Палевски и другите четворица се товарат за по две кривични дела убиство и грабнување, додека Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање при кривично дело грабнување.

Пред да почне со завршните зборови, обвинителката направи прецизирање на обвинителниот акт.
Имено, како време на убиството на Вања, обвинителката наведе дека наместо околу 9:30 часот, треба да стои од околу 8:30 до 9:30 часот, додека за убиството на Жежовски наместо околу 10 часот да стои околу 11 часот.
Осврнувајќи се на настаните кои, како што кажа, ја шокираа целата македонска јавност, обвинителката Крстевска-Јосифовска кажа дека обвинетите Палевски, Кешишов, Видевски и Манев се познавале доволно долго време за да ги испланираат и извршат злосторствата.
„Да сковаат план да дојдат до возилото на лице кое нема да биде барано. Го одбрале конкретното лице (Панче Жежовски н.з.) заради возилото ‘ситроен’ затоа што имало голем гепек. Велобор го познавал оштетениот, му претходно му вршел градежни работи за кои Жежовски му останал должен. На 22.11.2023 г. успеале да го реализираат грабнувањето на Панче Жежовски, потоа го убиле и го закопале во длабока дупка”,
рече обвинителката.

Веќе два дена подоцна, на 24.11.2023 г., се обиделе да ја грабнат Вања откако претходно биле известени од таткото за рутината на движењето на девојчето. Не успеале поради сообраќајниот метеж во кој се нашле тој ден. Три дена подоцна, односно на 27.11.2023 г., успеале во намерата, исто така со помош на таткото. Мотивот, како што кажа обвинителката, бил за да дојдат до финансиски средства. Таа го опиша начинот на грабнувањето на девојчето во кое биле користени возилото на Жежовски и пикап „рено кангу“.
„Со ‘реното кангу’ и со ‘ситроенот’ опремени со радиостаници тргнале да го грабнат детето”,
рече обвинителката.

Таа кажа дека обвинетите ја убиле Вања и ја закопале во дупка без грам чувство и родителска грижа, иако и самите биле родители.
„Поминале доволно денови, а ниту еден од обвинетите не покажал грижа за тоа што го сториле со убиството на Панче, туку се впуштиле во грабнување и убиство на невино дете”,
кажа обвинителката во завршните зборови.
Обвинителката Крстевска-Јосифовска, осврнувајќи се на улогата на таткото, рече дека Вања многу го сакала, па дури и една писмена работа во училиште ја посветила на него насловувајќи ја „Најдобриот татко”.
Говорејќи за таткото, обвинителката, повикувајќи се на сведочењата на полициските службеници, рече дека според нив Ѓорчевски уште на почетокот им бил сомнителен бидејќи цело време велел дека Вања е киднапирана.
„Александар цело време бил потиштен и цело време велел дека Вања е киднапирана и дека само губат време”,
кажа обвинителката.

За Палевски рече дека кога сфатил дека ќе биде фатен, одлучил да избега наводно, поради лекарски прегледи на ‘рбетниот столб во Белград, а потоа и во Турција иако немал медицинска документација за тоа.
„Иако претстоеле важни настани за партијата (Десна) тој заминува од државата за да не ги сноси последиците од грозоморните дела”,
додаде обвинителката.
Местото каде што било закопано телото на Вања, обвинителката повтори дека го посочил Влатко Кешишов, а Велибор Манев каде е закопан Жежовски.
„Појаснија кога, ако и каде ги извршиле кривичните дела и дека таткото Александар Ѓорчевски му ги дал информациите на Палевски за движењето на Вања”,
рече таа.
Повикувајќи се на сведочењата на еден полициските инспектори што работел на случајот, таа рече дека чудна била реакцијата на Кешишов кога полицијата отишла да врши претрес во просториите на партијата Десна.
„Рекол каде сте досега, знаевме дека ќе дојдете. Прашан каде е Палевски, тој рекол дека е во Белград на преглед за рбетниот столб. Кешишов, плачејќи рекол дека сака да ги однесе на едно место. Без да им каже за што, ги однел во местото Бразда каде претходно бил пронајден запален ‘ситроенот’. Инспекторот Музафер Каришиќ го прашал зошто ги однел таму, а Кешишов со глава му покажал кон еден рид. Кешишов им рекол тука барајте. По 30 минути бесцелно барање се вратиле, но Кешишов решил да им даде поконкретни информации. Ги однел на одредено место каде покажал на куп расфрлен смет и гранки од дрвја. Почнале да ги тргаат гранките, а потоа и да копаат и по извесно време го нашле телото. Според физичкиот изглед било заклучено дека станува збор за Вања чии раце биле врзани одзади”,
рече обвинителката.
Таа се осврна на исказите на секој од сведоците во текот на главната расправа.
Судијата даде пауза по која Обвинителството продолжи со завршните зборови.