Имајќи предвид, како што истакна обвинителката, дека откако оштетениот Тот паднал на асфалтот и бил удиран од обвинетите додека беспомошно лежел, тоа зборува дека тројцата обвинети го извршиле кривичното дело со умисла и оти биле свесни дека можат да настанат штетни последици
Според адвокатите на тројцата обвинети, никој од нив не ги задал ударите што биле фатални за хрватскиот ракометар и дека обвинителството не докажало дека се исполнети „битијата“ за кривично дело убиство. Адвокатот на обвинетата Клементина Лефковска во завршните зборови рече дека таа била жртва на Тот и дека се бранела од неговото малтретирање
Обвинителката Тања Трајчевска во завршните зборови во случајот со убиството на 27-годишниот хрватски ракометар Денис Тот денеска од судот побара на тројцата обвинети, Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19), да им се одредат осудителни пресуди.
Таа посочи дека доказната постапка покажала дека тие го сториле кривично дело убиство на начин, време и место како што е опишано во обвинителниот акт и побара од судот да пресуди врз основа на доказите, имајќи ги предвид сите олеснителни и отежнувачки околности.
Имајќи предвид, како што истакна обвинителката, дека откако оштетениот Тот паднал на асфалтот и бил удиран од обвинетите додека беспомошно лежел, тоа зборува дека тројцата обвинети го извршиле кривичното дело со умисла и оти биле свесни дека можат да настанат штетни последици.
Оштетениот, како што рече обвинителката, бил доведен во нерамноправна позиција бидејќи бил нападнат од тројца кои му задале удари по виталните делови од телото, во пределот на главата.
Адвокатот Иле Танев, кој го застапува обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски во завршните зборови, истакна дека доказите на обвинителството се во корист на одбраната и дека нема кривично дело убиство.
Според него, како што пренесува А1он, начинот на извршување на кривичното дело е најспорниот елемент, па затоа бара ослободување од вина. Адвокатот рече дека двата удара на Анџело Ѓорѓиевски кон Денис Тот не довеле до негова смрт.
„Од сето ова ни се наметнуваат прашањата, дали овие евентуални два удари и падот на оштетениот, сега покојниот Денис Тот, до кои што дошло како резултат на тие удари, довеле до нанесување на повреди кои би довеле смрт на оштетениот? Одговорот од доказите е секако – не. Дали во умислата на обвинетиот е содржано делото што му се става на товар? Одговорот е – не. И трето дали има соизвршителски дејствија на Анџело Ѓоргиевски со другите обвинети? Одговорот е – не. Обвинителството со никаков доказ во прилог на обвинителниот акт не ја докажа причинско-последичната врска со двата удари на обвинетиот со смртниот исход“,
рече Танев во завршните зборови.
Ослободителна пресуда побараа и адвокатите на обвинетата Клементина Лефковска. Тие пред судот истакнаа дека во судската постапка не се докажало дека таа му ги задала ударите кои предизвикале смрт кај хрватскиот ракометар Денис Тот.
Бојан Василески, адвокат на Лефковска, рече дека дека неговата клиентка била жртва на Тот бидејќи ја малтретирал, пренесува „А1он“.
Според него, Лефковска се бранела од навредливи зборови што ѝ ги упатил Тот.
„Со дејствијата на Клементина не се исполнети битијата за кривичното дело убиство, а судот треба да ја ослободи обвинетата од обвинение“,
рече Василески во завршните зборови.
Како што посочи тој, од доказите не произлегува дека ударите на Лефковска биле фатални и довеле до смрт на Денис Тот.
„Не произлезе дека Клементина имала намера да го убие Тот, не постоела причина или мотив да го убие. Во нејзината свест немало волја да ја посакува смртта на сега починатиот туку сакала да се одбрани по неговото повеќечасовно малтретирање“,
додаде адвокатот Василески.
И одбраната на обвинетиот Андреј Костовски во завршните зборови посочи дека не задал удари кои биле смртоносни за Денис Тот.
Според неговиот адвокат Еленко Миланов, не постојат удари во глава од обвинетиот Костовски кои според вештаците, биле смртоносни за Тот. Тој рече дека ударот со нога од Андреј кон Тот е од десната страна, што нема никакво значење во однос на можноста да резултира со смрт и истакна дека во случајот немало умисла.
Адвокатот на Костовски пред судот рече оти смета дека неговиот клиент треба да биде ослободен за правната квалификација – кривично дело убиство, Но, на судскиот судски совет, како што додаде, останува во однос на обвинетиот да може да утврди одговорност, дали тоа би било во насока на помагање или неспречување на нанесување на тесна телесна повреда или ќе утврди „одговорност за правна квалификација учество во тепачка во која некое лице го изгубило животот“.
„Андреј прифаќа и не бега од својата вина. Но не и за оваа квалификација (убиство)“,
рече адвокатот Миланов, според кого Костовски бил во афективна состојба.
Судскиот процес за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот траеше два и пол месеци.
Според обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. Обвинителството ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска.