Британската полиција денеска во јужниот дел на Лондон уби маж, кој претходно избодел неколку лица. Полицијата смета дека „инцидентот е поврзан со тероризам“.
„Се испитуваат околностите, инцидентот се третира како терористички напад“, соопшти полицијата на Твитер.
Граѓаните се предупредени да ја избегнуваат областа Стритхем, во јужниот дел на Лондон, која ја надгледуваат хеликоптери.
Би-би-си објави дека очевидци споделиле на социјалните мрежи оти слушнале три истрели околу 14 часот по локално време.
Последен сличен инцидент во Лондон, кој е третиран како терористички акт, се случи во ноември минатата година кога полицијата уби маж кој со нож усмрти две, а повреди три лица.
Во врска со денешниот настан се огласи и градоначалникот на Лондон, Садик Кан.
„Напаѓачот е убиен од страна на полицијата во Стритхем по инцидентот, кој се третира како терористички. Се претпоставува дека неколку луѓе се избодени“,
нагласи Кан.
Тој истакна дека е во постојан контакт со претставници на локалната власт и изрази благодарност до полицијата за брзата реакција.
„Терористите сакаат да не раздвојат и да го уништат нашиот начин на живот. Овде, во Лондон тоа нема да им го дозволиме“,
рече лондонскиот градоначалник.
ОБНОВЕНО:
Според последните информации во нападот се повредени две лица, но засега не е позната нивната здравствена состојба.
„Засега има информација за двајца повредени. Очекуваме повеќе детали за нивната состојба“, се наведува во полициското соопштение.