Како што пренесува Би-би-си, според полицијата во регионот Драбан во провинцијата Кајбер Пахтунхва, напаѓачите прво го започнале нападот со снајперски оган, проследен со гранати. Размената на оган траела повеќе од два и пол часа, при што биле повредени уште деветмина

Десет полицајци се убиени претходната ноќ во напад на полициска станица во северозападниот дел на Пакистан, соопштија локалните власти. Нападот се случил неколку дена пред парламентарните и локалните избори закажани за четврток.
Како што пренесува Би-би-си, според полицијата во регионот Драбан во провинцијата Кајбер Пахтунхва, напаѓачите прво го започнале нападот со снајперски оган, проследен со гранати.
Размената на оган траела повеќе од два и пол часа, при што биле повредени уште деветмина.
„Повеќе од 30 терористи извршија напад од три правци. Следеше повеќечасовна престрелка меѓу безбедносните сили и напаѓачите, кои користеа и гранати. Размената на оган траеше повеќе од два и пол часа“,
соопшти локалната полиција додавајќи дека безбедносните сили сега трагаат по сторителите.
Напаѓачите накратко ја презеле контролата врз полициската станица за време на нападот, кој започнал три часа по полноќ по локално време.
Овој напад е втор за два месеци во истиот округ откако на 5 декември во експлозија на самоубиствен автомобил бомба пред полициска станица загинаа најмалку 23 војници, а други 32 беа ранети.
По тој напад, за кој одговорноста ја презеде малку позната група Техрик е Џихад Пакистан, за која се верува дека има врски со пакистанските талибанци, пакистанските безбедносни сили започнаа неколку операции убивајќи десетици милитанти низ целиот регион.
Техрик е талибан Пакистан (ТТП), Исламската држава (ИД) и други милитантни групи со години ги напаѓаат безбедносните сили и цивилите во пограничните области на Хајбер Пахтунхва.
Минатата недела во Балучистан, провинција во југозападниот дел на Пакистан, политички лидер, исто така, беше застрелан и убиен во изборната канцеларија на неговата партија, а во бомбашки напад по политички митинг загинаа најмалку четири лица. Одговорноста за тој напад ја презеде Исламската држава.
Војската, исто така, уби 24 милитанти во антитерористичка операција во Балучистан минатата недела.
Неодамнешниот пораст на насилството во Хајбер Пахтунхва и Балучистан предизвика загриженост за безбедноста кај властите пред изборите на 8 февруари, но пакистанската изборна комисија, по консултациите со безбедносните службеници, рече дека изборите ќе се одржат според планираното.
Централните власти соопштија дека илјадници војска и полиција ќе бидат распоредени низ Пакистан за да се осигури безбедноста на изборите.